ММС

Објавено на: 04/28/21 1:44 PM

Пандемијата ни покажа колку се важни безбедноста и здравјето на работниците: КСС ги повика институциите да го почитуваат законот

Пандемијата ни покажа колку е важна безбедноста и здравјето на работниците, укажаа од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) кои Светскиот ден за заштита при работа го одбележуваат преку онлајн кампања.

– КСС уште од почетокот на пандемијата сериозно го сфати новиот предизвик со кој се соочуваме и континуирано укажува и бара итно да се изнајдат решенија за надминување на ваквите состојби и е загрижена за здравствената состојба на работниците во Македонија и негрижата на надлежните институции за работничките права. Пандемијата ги допре речиси сите аспекти од светот на работата. Неочекувано мораше да се смени начинот на работа на многу работници и да се воведат нови форми на работен ангажман на работниците, како што е работа од далечина, што исто така претставува потенцијален ризик за безбедноста и здравјето на работните места, односно допрва ќе се согледуваат психо-социјалните ризици – велат од КСС.

Синдикатот извесен период бара прогласување на ковид-19 како професионално заболување за сите работници и 100 процентна исплата на боледување и плата за сите оние кои се заболени.

–  Секое заболување на работното место од Ковид-19 се смета за повреда на работно место и се исплаќа 100 проценти боледување, согласно член 39 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Во овие случаи поради спречување на ширењето на заразната болест, за сите вработени, за привремена спреченост на работа, односно кога е издадено решение за самоизолација, треба да се исплаќа 100 проценти плата, наведува КСС.

Изразуваат незадоволство што не добиле можност да ги искажат своите согледувања на Советот за безбедност и здравје при работа. Сметаат дека сите релевантни чинители треба да се фокусираат на градење на стратегии за зајакнување на системите за безбедност и здравје при работа. Ги повикуваат сите надлежни институции да го почитуваат и спроведуваат законот за безбедност и здравје при работа со цел тој закон да функционира и во пракса.

Фото:  Архива

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.