ММС

Објавено на: 04/28/21 10:46 AM

Судскиот совет доби нов претседател со мандат од две години без право на реизбор

Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната седница со 12 гласа од толку присутни членови ја избра Павлина Црвенковска за нов претседател.

Согласно новиот Закон за судски совет, кој стапи на сила минатата година, изборот на претседател на Судскиот совет се врши од членовите на советот со право на глас кои се избрани од Собранието, со мандат од две години, без право на реизбор.

Црвенковска, по изборот, порача дека нема да ја изневери дадената доверба и се заложи дека професионално со целиот свој интегритет ќе ја извршува функцијата претседател на Судскиот совет.

– Функцијата што денеска ми е дадена јас ја разбирам како прва меѓу еднаквите. Ние сме колектвино тело и одлкуите тука ги носиме со мнозинство гласови. Мојата улога ќе биде само да придонесам за што повеќе се зајакне тимскиот дух на овој Судскит совет, изјави Црвенковска.

Павлина Црвенковска е избрана за член на Судскиот совет од Собранието во декември минатата година. Од 2006 година до 2020 година работела како судски советник во Апелациниот суд Скопје. Претходно од 2004 година до 2006 година работела како Државен советник во Владата, а има работено и како Раководител на одделение во Министерството за одбрана. Од 1998 година до 2002 година работела како адвокат, а од 1996 година до 1998 година како Генерален секретар на Комора на приватен капитал на Република Северна Македонија.

Досегашниот претседател на Судскиот совет Киро Здравев стапи на функцијата на 27 април 2019 година.

Судскиот совет го сочинуваат 15 члена, од кои осум се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието и двајца членови, на предлог на Претседателот на државата. Членови без право на глас се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Тие се избираат со мандат од шест години, со право на уште еден реизбор.

 

Извор: МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.