ММС

Објавено на: 04/28/21 9:03 AM

Ќе произведуваме шприцеви за Ковид вакцини – Германска компанија започна со работа во Македонија

Германскиот производствен гигант за медицинска и фамацевтска амбалажа веќе ја стартува работата во Северна Македонија. Почна првата фаза тешка околу 30 милиони евра и 350 вработувања, со производство на специјални високософистицирани навртки за шприцеви која, според Бургел, се одвива согласно плановите. Многу бргу, истакнува потпретседателот на „Гересхајмер“, ќе бидат познати и деталите од планот за проширување на капацитетите.

-Досегашната инвестиција е околу 30 милиони евра и во првата фаза опфаќа околу 350 вработени. Но, доколку ги постигнеме очекуваните резултати, идејата е инвестицијата да се прошири. Деталите за ова ќе бидат познати во наредните два месеца. Нашиот инвестициски план е во двоцифрена милионска сума и во насока на околу 100 милионска инвестиција. Сепак прецизно не би можел се уште да кажам, бидејќи сме во фаза на разговори. Но, секако многу важно при носењето на конечното решение ќе биде и поддршката што ја добиваме од Владата која досега е многу добра, изјави Оливер Бургел.

Евентуалната одлука за проширување на производствениот капацитет, треба да биде досега најголема инвестиција во Северна Македонија, наведува „Дојче веле“. Доколку се реализира во близина на Скопје ќе се произведува амбалажа за вакцините против коронавирусот кои се користат ширум светот.

Во првата фаза од работењето, освен специјализираните навртки во план се и производство на катетри, но и уште неколку други т.н. аксесори за вакцините. За наредната фаза, која треба да донесе дополнителни вработувања, се предвидува готов производ. Целосни стаклени шприцеви со игли подготвени за полнење. Практично, ќе се произведува амбалажа за вакцините кои, во екот на пандемијата на коронавирусот, станаа најбарана стока во светот.

Станува збор за водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Инвестицијата на Гересхајмер е високо софистицирана и обезбедува работа за висококвалификувани кадри кои се и многу добро платени.

Инвестицијата на „Гересхајмер“ во ТИРЗ Скопје 2 според македонската Влада е од исклучително значење. Не само поради високата и софистицирана технологија, туку и поради новите вработувања што ќе влијаат на натамошно подобрување на севкупниот економски раст.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.