ММС

Објавено на: 04/27/21 10:47 PM

(ВИДЕО) Финалистот ќе се решава на „Стемфорд Бриџ“, Реал и Челзи одиграа без победник во Мадрид

Френетично прво полувреме и тактички дисциплинирано и повлечено второ полувреме. Во секој случај, Реал Мадрид и Челзи одиграа добар, достоинствен за полуфинале во Лига на шампионите дуел, кој по сите изгледи ќе се решава идната недела на „Стемфорд Бриџ“.

Францускиот стратег на кормилото на Реал се обиде да му парира на неговиот колега од спротивната страна со петмина во задната линија и Марсело и Карвахал како бочни бекови. На истиот начин излезе и Тухел и преку Чилвел и Азпиликуета тргна да ги напаѓа домаќините.

Челзи фантастично го отвори натпреварот. Во првите 22 минути „сините“ од Лондон им ја сокрија топката на опонентите, наметнувајќи свое темпо и преземајќи посед благодарение на високиот пресинг. Откако гостите прелесно доаѓаа до простор во шеснаесетникот на Куртоа, вистинската шанса Челзи ја имаше во десеттата минута. Тимо Вернер прими точен пас со глава од Кристијан Пулишиќ и од пола метар успеа да го промаши невозможното.

https://www.youtube.com/watch?v=qNBIp3sZ8v4

Поранешниот чувар на мрежата токму на денешниот полуфиналист со нога го осуети обидот на Германецот. Момците на Тухел продолжија на истиот начин. Хируршки прецизното додавање од својата половина на Антонио Рудигер, Кристијан Пулишиќ го валоризираше на најдобриот можен начин, заобиколувајќи ја одбраната на Реал и Куртоа и внесувајќи ја топката во мрежата.

Мадриѓаните за првпат на двобојот се заканија во 22-та минута преку Карим Бензема, веројатно лидерот на оваа екипа во отсуство на Серхио Рамос. За негова несреќа, Французинот ја погоди само стативата на Едуар Менди. Но, промашувањата на Челзи во продолжението скапо ги чинеа, а Бензема не промашува двапати. Прекрасно некогашниот напаѓач на Лион ја прими топката на гради и од непосредна близина во полу-волеј го матираше Менди.

До крајот на полувремето, Реал Мадрид се консолидираше и после првите 45 минути на семафорот стоеше истиот резултат како во финишот на натпреварот.

Вториот дел понуди малку фудбал, повеќе тактичка битка на двајцата стручњаци. Се чинеше дека и едните и другите со оглед на околностите се задоволуваат со постигнатото и со мислите се во Лондон. Моментот кој го одбележи полувремето е враќањето на Еден Хазард не терените и директното соочување со неговиот екс-клуб, каде што помина неверојатни седум години.

Челзи и Реал Мадрид на петtи мај во среда, уште еднаш ќе ги вкрстат копјата и ќе одлучуваат за второто место во големото финале во Лигата на шампионите. Дотогаш, Реал Мадрид во Примера ќе ја дочека на „Алфредо Ди Стефано“ екипата на Осасуна, додека пак Челзи ќе го одигра мини-лондонското дерби со соседот од „Кревин Котиџ“, Фулам.

 

 

Фото:

Twitter / @Squawka

Twitter

д.ј

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1