ММС

Објавено на: 04/27/21 4:46 PM

Неопходно е идентификување на соговорникот од бугарска страна, ние сме подготвени за решавање на спорот, изјави Пендаровски од Брисел

Најголемиот проблем во моментов со Бугарија е тоа што не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција, бидејќи изборите во Бугарија завршија со нејасен епилог. Неопходно е да се започнат разговори за идентификување на соговорникот од бугарска страна и ние сме подготвени за решавање на билатераниот спорс со нашиот сосед, изјави претседателот на државата, Стево Пендаровски, од седиштето на Европската Унија.

Ова е втора посета на Пендаровски на највисоките европски институции во последните две години, а тој оствари средба со највисоките носители на функции во ЕУ, почнувајќи од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, шефот на дипломатијата на ЕУ, Јосип Борел, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, како и комесарот за проширување, Оливер Вархеји.

На тркалезната маса Пендаровски со соговорниците разговарал за билатералниот спор со Република Бугарија, пандемијата на коронавирусот и последиците со кои државите од Европа се соочуваат, но и високата корупција во земјава и реформите во таа насока.

-Проблемот е што во Бугарија не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција. Парламентарните избори во оваа држава завршија без јасен победник и сосема е можно Бугарите повторно во јуни да одат на предвремени парламентарни избори, што ќе значи и дека во следните 60 дена ќе имаме на другата страна техничка, службена влада без големи овластувања. Неопходно е да почнат разговорите и да го идентификуваме соговорникот од бугарска страна. Како тие ќе решат и кого ќе предложат, поединец, влада, институција, тоа е нивно, рече Пендаровски.

Во услови кога ниту една земја членка на ЕУ не достигнала повеќе од 10 отсто имунизација на населението, помошта која Македонија ќе ја добие од европскиот солидарен фонд и вакцините „Фајзер“ кои преку посредникот Австрија ќе пристигнат во Заападен Балкан до месец август, претставува знак на вистинска солидарност и порака дека ЕУ смета на сите шест држави од овој регион.

-Разговаравме како се справуваме и во која фаза сме во имунизацијата со вакцини. Во таа смисла изразив благодарност до ЕУ за испораката што ја очекуваме во следните два картали на вакцината „Фајзер“. Европската Унија смета на Западен Балкан и овој фонд е за сите шест држави од нашето опкружување, вели Пендаровски.

Последните апсења на поранешни високи функционери на власта, дополнително ја засилиле темата за реформи против корупцијата во државата. Од Унијата побарале да бидат удвоени напорите во борбата со високата корупција и воедно ги поздравиле напорите на власта во таа насока по укажувањата на претседателот.

-Имавме подолга дискусија за очекувањата на ЕУ за реформите кои се во тек во нашата земја. Очекуваат да се задржи реформското темпо, но и да се удвојат напорите во борбата со високата корупција. Последните напори на власта беа поздравени, додаде Пендаровски.

Од денешната средба, значајно е и тоа што Пендаровски и самиот го нагласил, стратешката сесија на ЕУ за иднината на Западен Балкан која ќе заземе место на 10-ти мај годинава. За таа цел, нивниот директорат има изготвено стратешки документ за неопходноста од засилените активности со Западен Балкан. Две држави преговараат веќе подолго време, две држави чекаат и и нивните преговори се одолговлекуваат во неколку наврати, а две од шесте не се ни споменуваат.

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.