ММС

Објавено на: 04/28/21 7:00 PM

Ние сме повеќе од „обични келнерки“ во авион – Ирена Чучанова за предизвиците на стјуардесите

Убавата и топлата насмевка на стујардесата ни дава мир и спокој дека летот ќе биде безбеден и пријатен. Чувството дека сме во добри раце е вистински спокој. Кога не боли нешто тие се тука да ни дадат помош, а кога ни е страв тие се тука да ни да држат рака. Колку навистина  стујардеса е работа од соништата открива Ирена Чучанова (25) родум од Гевегелија, а веќе три години работи и живее во Катар. Таа за ММС открива како ја одбрала оваа професија.

-Стјуардеса решив да бидам во почетокот на 2017 година кога за прв пат се качив во авион и летав кон мојот омилен град Виена. Се уште ги паметам емоциите кои ги чувствував при полетувањето, бев воодушевена од љубезниот однос на стјуардесите. Всушност цело мое патување беше една прекрасна и возбудлива авантура. Како голем љубител на патувања, веднаш кога се вратив во Македонија почнав да го планирам следното мое патување. Возбудата во мене беше се поголема и тогаш ми стана јасно колку авијацијата е моја пасија, а патувањето е нешто што најмногу ме исполнува. Некаде при крајот на истата година, се појави шанса да станам дел од екипажот на една од најдобрите авионски компании во светот и веќе знаев дека тоа е правата одлука за мене.

Како ја разбираш работата на стујардесата сега, кога не си веќе обичен патник во авионот?

-Ние сме вашите негуватели  кога е потребно, вашите шанкери и кувари кога сте гладни. Вашата противпожарна екипа, полицаец или инспектор, ако нешто се случи. Вашата брза помош кога имате болка во гради проследена со  анксиозност. Вашето рамо за плачење кога летате прв пат и ви е страв. Вашата поддршка кога ни ја откривате тажната причина зошто сте на тој лет. Вашата најдобра другарка кога ни кажувате дека започнувате нов живот. Ние сме сѐ што е потребно од моментот штом ја затвориме вратата на авионот.

Колку време ти требаше да се прилагодиш за овој начин на живот, затоа што  знаеме дека повеќе сте во воздух отколку на земја?

-Можеби поради целата еуфорија на оваа професија, прилагодувањето не беше некој долг процес. Брзо се навикнав на својот нов дом во Доха, убавините и мааните на еден голем град кој изобилува со голем број на националности и собрани разни култури од цел свет. Самата професија те менува на позитивно, почнав  да се прилагодувам согласно мојот ангажман и план на летање, имав  промени во спиењето, но секој момент кога бев слободна го користев да одморам, бидејки е многу важен одморот и добриот сон за една стјуардеса. Во меѓувреме научив добро да менаџирам со моето слободно време.

Успеав да научам да не сум мамурлива, односно  да се разбудам во рок од 30 секунди. Успеав  да се прилагодам на сите промени во временските зони бидејки често патував прекуокенаски летови. Сето тоа успеав лесно да го поминам и успешно изменаџирам, а за тоа голем двигател беше пасијата кон професијата и еуфоријата околу мене штом имам лет за некоја нова, невидена до тогаш, дестинација.

Колку оваа професија те разви како личност?

-Ме научи да ценам  сѐ што имам и да не ги земам работите здраво за готово. Со самиот факт дека немаш план кога нареден пат  ќе си ја видиш фамилијата и пријателите или со самиот факт дека  не можеш да се вратиш во родниот крај кога сакаш, стануваш посилна и поиздржлива. Ме водеше мислата дека ова е остварување на сонот за кој  мечтаев, додека мојата фамилија и пријателите секогаш ми се во срцето без разлика колку илјадници километри сме оддалечени, секогаш ја имав подршката и љубовта од нив. Во меѓувреме растев и се развивав во една поинаква личност. Запознав многу луѓе од разни националности, видов разни култури, нови места, преубави места, места кои сум ги видела само на филм. За на крајот на денот да сфатам дека сите сме луѓе, дека во реалноста нема простор за разлики во националност,  пол, религија, етничка припадност и др.

Го шеташ светот, се заљубуваш во зајдисонцето на плажа, се заљубуваш во боите на еден град, се заљубуваш во музиката на еден музичар на улица. Се заљубуваш. Живееш далеку од дома, во друг крај на свет и се менуваш бесконечно. Тоа е дел од оваа професија и тоа е убавината на животот, човек постојано да се расте и менува. Верувам дека ниедна професија немаше вака да го промени мојот живот како оваа и сум неизмерно благодарна за шансата која ми беше пружена.

Што научи на тренинзите, а што во реалноста за оваа професија?

-Тренингот на една стјуардеса е долг и тежок процес. Учиш толку многу од како да евакуираме 300 патници во 90 секунди, како да се справиме со пожар, како со бомба, а што ако слетаме во вода? Што да направиме во случај на срцев удар, и што кога не и е добро на една бремена жена? Како да преживееш ако слеташ во поларни услови, како да се справиш со некој кој може да ти наштети? И што уште не.

Реалноста за оваа професија е дека ние сме повеќе од „келнерки во авион“. Спремни сме на секое сценарио дури и тие што ги нема во нашиот учебник. Ситуациите знаат да ескалираат и да се надвор  од тоа кое е очекувано, варираат од едно до друго сценарио и ништо не е црно на бело.

Не може секој да биде стујардеса, што е потребно за оваа работа?

-Додека сите мислат дека за да се биде стјуардеса важен е физичкиот изглед, влијаат многу други фактори како карактерот и особините на една личност. Колку еден човек е спремен да превземе таков ризик, да живее во култура несекојдневна од својата, да е постојано во воздух, да пројде часови и ноќи неспиени, Божиќ и Велигден далеку од најблиските, да си сам меѓу толку многу луѓе. Затоа ваквите професии бараат подготвени  индивидуи кои живеат надвор од својата комфорт зона.

Што се случува во авион кога некој патник прави проблем, како се справувате со таа ситуација?

-Се обидуваме  да сме најсмирени што можеме. Тоа е една од најважните одлики на една стјуардеса.  При тоа применуваме одредени техники во однос на комуникацијата со таквиот патник и пробуваме да оддржиме едно ниво кое не смее да ескалира. Во случај на ескалација, превземаме посебни мерки во зависност од настанатиот проблем.

Дали животот на стујардесата некогаш знае да биде „досаден“?

-Животот на една стјуардеса е сѐ, освен досаден. Постојано се случува нешто. Во текот на едната недела може да сме на три различни дестинации, на три различни континенти. И убавината во тоа е што уживаме во секоја култура и добра храна, учиме толку многу работи, благословени сме да ги видиме сите убави работи во светот, од светлата на Times Square New York, до плажите во Малдиви, од Сафари во Африка, до мирисот на добра пица во Италија. Оваа кариера е една до тие што можам да кажам дека има нешто сличен начин на живот со тој на познатите ѕвезди.

Како што светот се соочи со новата ситуација, така и стујрдесите доживеаа нови искуства. Kако е да се работи во пандемија?  Што смени пандемијата во авионскиот сообраќај?

-Наеднаш сѐ се промени, сѐ запре. Се сеќавам сеуште на првите летови во почетокот на пандемијата го работев летот од Лондон, а тој London Heathrow Airport е познат како еден од позафатените аеродроми во Европа со голем обрт на патници. Кога наеднаш целиот терминал беше празен, продавниците затворени, на таблата за летови сите беа укинати. Низ целиот терминал се слуша тропотот само на нашите куфери. Сите бевме исплашени, не знаевме што нѐ очекува.  Операциските промени станаа секојдневие, бројот на патници опаѓаше и опаѓаше,  летовите се укинуваа , границите се затвораа насекаде. Авијацијата претрпе огромни загуби, авионските компании ширум целиот свет беа приморани да отпуштаат вработени, голем број исто добија неплатени одмори, кратење на плати. Се научивме да функционираме во еден непредвидлив свет, се збогувавме со многу колеги кои беа приморани да ги остават своите „крила“.. И сеуште не можеме да кажеме дека се враќаат  работите во некоја нормала.

Како изгледа еден твој работен ден во време на пандемија . Дали се вакциниравте и со која вакцина?

-Еден работен ден во пандемија, не е нешто различен од обичаениот работен ден. Се будам и го пијам кафето и почнувам да се спремам полека за летот. Ги проверуваме деталите за лет, документите потребни и проверувам дали има некои промени  со кои треба да се запознаам. Го спремам куферот, нешто летно, нешто зимско. Откако ќе ги завршам подготовките претпочитам да се релаксирам со добра музика и да се чујам со некој од фамилијата или другарките.

Моментално, поради ситуацијата во која што сме, единствената разлика  е можноста за промени во распоред, времето на полетување, дестинацијата итн. Имунизацијата на екипажот е сеуште во процес. За нас се обезбедени вакцините кои се тука и за граѓаните на Катар, а тоа се Pfizer и Moderna.

Колку патниците ги почитуваат препораките за безбедост при пандемијата, и кои мерки твојата компанија ги применува?

-Па, да речеме тие мора да ги почитуваат тие препораки за наша и нивна безбедност. Неретко се случува дека има некое несогласување меѓутоа ние како екипаж сме научени како да се однесуваме во таквите ситуации и кои мерки да ги превземеме.

После бординг, на нашите патници доделуваме мало пакетче кое содржи маска, санитајзер и ракавици. Се грижиме за добробитот на нашите патници, имаме за задача да препознаеме ако некој не се чувстува добро и се однесува чудно. Истотака, ние носиме посебни заштитни одела, маски, ракавици, наочари, нешто како докторите.Наша цел е да оддржуваме една безбедна околина за нас и патниците.

Среќни ли бевте кога среде пандемија ги враќавте патниците во нивните домови кои беа затечени како туристи на некои дестинации?

-Повеќе од среќна. Доживував големи исполнувања кога патниците ќе изјавеа колку се среќни бидејќи се заглавени надвор од своите држави. Некои од нив беа заглавени на туристички дестинации. Некои од нив беа заглавени поради набрзо донесените мерки од страна на властите и ги немаа видено своите фамилии со месеци. Сјајот во нивните очи ми покажуваше колку е значајна мојата улога како стјуардеса во текот на оваа пандемија.

Раскажи ни ја најитересната случка која се има случено на некој лет?

-Има многу такви случки, меѓутоа ќе одделам една во која добив еден убав комплимент. На лет до Манчестер имав патник кој постојано си правеше муабет со мене и уште една стјуардеса. Набрзо нѐ праша од кај сме, на кое таа одговори пробајте да погодите. Патникот ме погледна и ми одговори, претпоставувам дека потекнуваш од некој дел од медитеранските држави, меѓутоа малку наликуваш и на девојките од Латинска Америка. Се насмеав, па одговорив дека сум Македонка. Кога ме слушна само ми одговори: па затоа личиш како да си од толку држави, ти си наследник на Александар Македонски, лидерот на  една од најголемите империи.

Кои дестинации ги имаш посетено, и која дестинаија ти е омилена, или па некоја култура?

-Имам посетено нешто повеќе од 50тина држави, па не би можела да одделам една дестинација, светов е просто прекрасен, за еден човек да го истражува. Има голем број на места што допрва треба да ги видам и сеште се на bucket list. Меѓу омилените места морам да ги издвојам Виена, Њу Јорк, Лос Анџелес, Копенхаген и целиот Нов Зеланд! Од културите ја обожавам топлината на Куба, со својот латино шмек, добрината на луѓето во Тајланд, смеењето и слободата во Танзанија. Ја обожавам медитеранската култура и храна  мирисот на медитеранското море во Италија, Шпанија, Турција, Тунис и Мароко.

Дали сте биле сведоци на некое луксузно запросување или па свадба која се случила во авион?

-Да. На еден лет до Доха, кој продолжуваше до Малдиви, млад дечко дојде до нас и ни ја соопшти веста дека сака да ја запроси својата девојка. Верувам дека сакаше да го направи тоа пред да слета на дестинацијата како еден убав почеток на нивниот одмор. Планот беше веќе скроен, на нас останува да ги доловиме тие магични моменти и да ги направиме нашите патници најсреќни. Беше интересен моментот колку често тој доаѓаше да зборува со нас, верувам дека младата беше малце збунета од тоа што се случува. Се течеше како што треба, набрзо се собравме сите и им го овековечивме моментот.  Младата го кажа своето судбоносно „да“ на 39,000 милји во воздухот. Сите бевме преплавени од емоции и ова остана од тие летови кои вечно ќе ги памтам.

Богатите знаеме дека се многу пребирливи, дали понекогаш знаат таквите патници да бидат напорни и како се справувате?

-Верувам дека нема нешто со кое стјуардеса не знае да се справи.Пребирливоста не бара конкретен вид на патници, може да се случи и во сите три кабини. Наша цел е секогаш да овозможиме 5* сервис на нашите патници, од најмали до најстари, без разлика на пол, националност, вера и етничка припадност.

Безбедноста и сатисфакцијата на патниците е нашиот двигател во однос на професијата па затоа и сме многу наградувани за тоа.  Дури 5 пати сме изгласани за најдобра авио компанија во светот. А тоа се должи на центрираноста кон патниците.

Со кои познати личности имаш летано, и можеш ли да ни откриеш  нешто за нив .Во Првата или бизнис класа што најмногу бараат патниците?

-Една од големиот број на предности кога си стјуардеса е запознавањето на голем број на VIP личности, дипломатски лица, голем број на фудбалски репрезентации, а од фудбалските клубови еден од нив е и Баерн Минхен, во почетокот на 2020та, а ги очекуваме повторно во тековниот месец. Познатите се пред сѐ приземјени и фини. Од сите страни се опкружени со репортери, па во таквите случаи претпочитаме да им дадеме приватност и комфорт.

Ваквите личности како и патниците во првата или бизнис класа бараат приватност и внимание. Под внимание, се однесува на персирање, обраќање по име/презиме. Приватноста е веќе доловена со дизајнот на нашата бизнис и прва класа. Сервисот на ваквите личности е во секој случај 5*, бидејќи тоа е едно од нашите клучни вредности.

Весна Петровска

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.