ММС

Објавено на: 04/27/21 10:53 AM

Ќе добие ли Законот за дигитални учебници европско знаменце? – МОН го повлече предлогот за да го усогласи со ЕУ

Министерството за образование го повлече предлог законот за дигитализација на учебниците и тој нема да влезе во собраниска процедура.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски за ММС реше дека министерката Мила Царовска попуштила пред притисокот на јавноста затоа тој не доаѓаше од опозицијата или било кој друг политички субјект, туку од родителите на учениците.

– Огромен чекор за учениците, родителите, буџетите на училиштата, еднаквите можности и правдата за загрозените категории. Повлечен е затоа што се покажа единство и сплотеност околу интересите на граѓаните преку оние 70.000 членови на групата кои кажаа едно големо НЕ за оваа идеја. Ако овој закон поминеше, образованието немаше да биде бесплатно како што е со регулирано со Уставот и секој родител ќе требаше да издвојува по 5.000 денари за учебници. Сегашниот закон е добар, дозволено е да се користат нови дидактички материјали и дигитални алатки – изјави Здравковски.

Според опозицијата, Владата има право предлогот повторно да го достави во Собрание, но веројатно ќе го достави во поинаква форма или подоцна. Тие се сомневаат дека предлогот ќе оди со европско знаменце во нова процедура со цел повторно да се злоупотреби собранието.

Министерството за образование веднаш реагираше на реакциите во врска со Законот за учебниви и други наставни и дидактички материјали и кажа дека не се откажува од нов закон за учебници, но потврди дека предлогот по координација со Секретеријатот за европски прашања е вратен за да се дополни само делот за усогласување со европските документи.

„Министерството за образование и наука не се откажува од носењето на целосно нов закон за учебници со кој се воведуваат современи материјали за учење и се нуди можност за дигитализација. Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавност од страна на пратеници од опозицијата. Во интерес на објективно и вистинито информирање на јавноста по координација со Секретаријатот за европски прашања Законот е вратен за  да се дополни само делот за усогласување со европските документи, како дел од процесот на усогласување на националното со европското законодавство. Законот денес е на дневен ред на Влада, по што ќе биде доставен до Собранието“, соопштија од МОН.

Последните неколку денови родителите, наставниците и учениците жестоко реагираа на социјалните мрежи во однос на дигитализацијата на учебниците, објаснувајќи дека многу училишта се уште ги немаат ниту основните средства за настава.И од Сојузот на средношколци вчера нагласија дека се против дигиталните учебници. Тие бараат белгиски модел на дигитализација на образованието каде родителите и учениците сами ќе одберат дали ќе учат од печатен или електронски учебник.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.