ММС

Објавено на: 04/27/21 10:07 AM

Колегите видоа толку умирање и болка, а некои се’ уште не веруваат – Д-р Стојковска вели дека треба вакцина за интелектуална независност без манипулации

Нема колективен имунитет без колективна свест. За различна болест различен е потребниот процент за колективен имунитет. Ова е ставот на д-р Снежана Стојковска од Клиниката за инфективни болеси и шеф на катедрата по Инфектологија. Таа говореше на вчерашниот настан кој по повод Светската недела на имунизација, го организираше Македонската медицинска младинска асоцијација.

Д-р Стојковска посочи дека нема поголем лек од вакцината, а човекот е најголем ако нешто може да спречи.

„Вакцините се безбедни и нивната основна цел е да превенираат тешка клиничка слика на болеста. Супстанците кои се внесуваат во организмот не смеат да се следат исклучиво низ нивните хемиски елементи од кои се составени“, изјави докторката.

Таа се осврна и на кортикостероидите кои се користат кај пациентите заразени со коронавирусот, посочувајќи дека кога тие им се даваат на пациенти кои се на кислородна поддршка, по седмиот ден од болеста се намалува потребата од механичка вентилација.

„Кортикостероидите не треба да се злоупотребуваат. Има различни водичи и кај луѓе со хронично опструктивни болести мора да се дадат, но зборуваме генерално“, додаде докторката.

Д-р Стојковска го спомена и таканаречениот Кругер-ефект, кој создава проблем од социопсихолошка природа.

„Тоа е неспособност точно да се процени сопственото знаење, луѓето  ја игнорираат сопствената игноранција, а сметаат дека се поголеми експерти од експертите кои работат со тој проблем“, изјави докторката.

Токму поради тоа, вели таа, треба да постои вакцина за критичко размислување, за интелектуална независност без манипулации.

Таа оценува дека многу луѓе се склони кон препукување, склони кон тоа да најдат вина во некого или некого да осудат, без да се обидат да разберат дека пандемијата ги исправила здравствените работници пред голема непознаница.

„Колегите видоа толку умирања, толку тешки клинички слики.  Дневно имаме и по 50 пациенти кои умираат, нашите колеги гледаат толку болка, а некои луѓе се’ уште не веруваат“, изјави докторката.

Таа оценува дека голем дел од популацијата не разбира дека нема подобар имунитет од прележана болест. Сепак, зборувајќи за вакцинацијата, истакна дека најмногу сакаат да се вакцинираат оние кои веќе го прележале вирусот.

Според неа тоа е илузорно бидејќи вакцинацијата во тој случај би претставувала само „бустер“ доза.

Во однос на несаканите ефекти од вакцините, рече дека луѓето не треба со страв да и’ приоѓаат на вакцината, бидејќи не постои нешто што може да се купи или земе за да не се јави одредена реакција.

„Комерцијата е широк и популарен поим, луѓето треба да имаат здрав живот и да не претеруваат со она што сега се прави, а тоа се здрава исхрана и здрави навики, ако го исклучиме психичкото здравје од кое мислам дека сите страдаме сега“, посочи д-р Стојковска.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.