ММС

Објавено на: 04/27/21 9:41 AM

Ако пожарот се гаси половично цената се плаќа со солзи и крв – Прогноза на д-р Драган Даниловски за имунизацијата и справување со корона кризата

Ковид-19 ќе биде еден од вирусите со кои ќе треба да се бориме не само  ние, туку и нашите потомци. Вирусот станува ендемичен. Тој предизвикува тешки симптоми особено кај возрасните, а децата поминуваат полесно бидејќи нивниот имунитет е во топ форма. Ова го истакна проф. д-р Драган Даниловски на вчерашниот онлајн настан кој го организираше Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА).

Тој објасни дека имунитетот кај децата има поголема моќност, затоа што се адаптира на микроорганизмите од околината и таквиот имунолошки систем може мнгу поефикасно да го сузбие вирусот.

„Повеќето деца ќе го прележат вирусот, па специфичниот имунитет ќе им стивне, па пак ќе заболат и полека ќе создадат траен имунитет“, истакна докторот објаснувајќи дека има два начина на кои возрасните може да стекнат отпорност.

Првиот начин според него, е што помасовна имунизација на населението.

„Колку што е можно пошироко мнозинство од возрасните над 18 години, помасовно да се имунизираме, да се вакцинираме. Кога тоа ќе се случи во пократок временски период, а во што поголем број, таа отпорност ќе се намалува.  Луѓето повторно ќе се заразуваат, ќе има реинфекции, но ќе постои базичен имунитет кој ќе овозможи реинфекциите да не бидат експлозивни и бурни. Ковид – 19 ќе биде само настинка, па дури и асимптоматска. Ќе се претвори од ѕвер во кротко мало маче и животот би се вратил во нормала, но само ако сме во состојба да го играме ваквото сценарио“, објасни д-р Пановски.

Сепак тој вели дека доколку ова не е изводливо, вакцините ќе имаат симболично значење за да се заштитат луѓето од ризичните групи, или пак од експонираните професии.

Доколку во што е можно пократок период не се вакцинираат 75 проценти од населението, ќе имаме ситуација во која луѓето постепено ќе го прележуваат вирусот – додаде професорот.

-Веќе 60 проценти од населението е имуно и тука не мислам на вакцините, тоа е според некои мои проценки. Тоа е природен имунитет. Секоја наредна инфекција ќе биде полесна како во првото сценарио. Ќе се заразуваат луѓе, но кога недоволно луѓе ќе останат да се заразуваат на „тромав“ начин, едни ќе бидат заразени едни не. Некои нема да бидат „саглам“ инфицирани, нивниот имунолошки систем половично ќе го третира вирусот кој влегол во организмот – објасни докторот.

Ефикасност на вакцините од различни производители

Во рамките на неговото предавање „Вакцините – засебни дејства и рушење на предрасудите за лоши вакцини“ тој се осврна и на мутациите на коронавирусот.

-Британскиот мутант на таков начин е појавен во Британија, точно поради заразување на имунокомпромитирана личност кај која оригиналниот сој влегува и се случува мутација. Имунолошкиот систем не развил соодветен одговор кој би го убил вирусот, туку му дозволил да дише и тој се извлекол уште посилен и така се создал британскиот мутант. Ако се врши притисок на вирусот со стекнување имунитет на природен начин, таа  динамика е тромава. На вирусот му се дава простор да „размислува“, да планира, да се адаптира, да се спротивстави на се поголемото стеснување на обрачот околу него. Така му се дава шанса да мутира – смета Даниловски.

Според него, со таканареченото „млако“ вакцинирање, односно вакцинирање во дисконтинуитет на вирусот му се остава простор за мутации. Сепак, посочува дека не треба да стравуваме ниту од бразилсиот ниту од јужноафриканскиот сој на вирусот.

„Треба да стравуваме од други мутации ако ние млитаво одговараме на притисокот од вирусот, ако богатите останат егоисти, а сиромашните се оставени на милост и немилост.  Ако ковакс системот  на профункционира вистински,  ако внатрешниот менаџмент во една земја не смогне сили да вакцинира 15 илјади дневно, само тогаш може оваа игра без граници да заврши“, предупредува професорот.

Одговарајќи на прашањето која вакцина треба да ја претпочитаат луѓето кои се алергични на пеницилин, тој рече дека најпрепорачливи за нив се кинеските.

Професорот потенцира дека му пречи потегот на државата да ја забрани вакцината на АстраЗенека за лица под 60 години, бидејќи вели на тој начин се испраќа порака дека човек треба да размисли дали треба да се јави на повикот за вакцинација, доколку е таа со оваа вакцина.  Тој оценува дека со попуштањето на рестриктивните мерки ќе има „разгорување“.

„Овој бран сега што  е актуелен, си оди на спонтан и неконтролиран начин. Кога ќе попуштат мерките ќе има разгорување бидејќи пожарот се гаси половично. Цената се плаќа со крв и солзи. Дали ќе успееме некои бранови наесен да намалиме со вакцинација не знам, зависи од приливот и од одзивот за вакцини. Жално е дека Израел постигна комплетно решавање на епидемијата  кај нив, комплетно се отвораат, нема рестрикции. Тие се посебно организирана државна заедница, а мене ме прашуваат дали вакцините содржат сребро или тешки метали. Тоа се теории на заговор, некои зборуваат за чипови и 5Г“, додаде Даниловски.

Професорот на вчерашниот настан на ММСА се осврна и на негативните кампањи, бидејќи како што рече, во бизнисот нема фер игра.

„Негативната кампања си го прави своето и многу луѓе „отпатуваа“ од ирационален страв. Во целата кампања има и други елементи, бизнис елементи, пара стручни. Тука е војна на фармацевтски гиганти кои не бираат редства за да си обезбедат  монопол. Тука има такви елементи како што има и во ова чекање кога ќе биде, како ќе биде со Спутник В вакцината, дали ќе има одобрение од ЕМА. Во меѓувреме, другите на терен си жнеат профит, а другите чекаат и чепкаат на маргините на планетата како во Африка Азија и така натаму. Бизнисот не препознава фер игра. Факт е дека има автоимуни реакции, но за 20 % е поголема веројатноста ако сте пешак на улица да ве убие кола. Британците извадија статистика дека млади меѓу 20 и 29 години имаат шест пати поголема веројатност да умрат од вирус отколку од вакцина. Недвосмислени се ризиците, човек треба да знае 2 и 2 да собере“, истакна професорот на вчерашното обраќање.

Во однос на несаканите реакции од вакцините, тој посочи дека не може да се предвиди како човек ќе реагира, исто како што не може да предвиди како ќе помине ако се зарази, а тоа зависи од сопствената генетика.

Според неговата аналогија, мажите двојно повеќе од жените го поминуваат вирусот потешко, па вели дека и кај вакцинацијата мажите би можеле да имаат повеќе несакани реакции.

„Некоја трета категорија би биле хроничните заболувања. Ако некој има автоимуно заболувања може различно да реагира од некој кој го нема. Ако некој има алергија за некоја состојка на вакцините може да се очекува дека таа личност ќе реагира понесоодветно за разлика од друг кој нема“, заклучи проф. д-р Даниловски.

Вчерашниот настан кој го организираше организираше Македонската медицинска студентска асоцијација беше по повод Светската недела на имунизација.  Таа се одбележува последната недела од април секоја година, со цел да се промовира вакцинацијата како начин за заштита на луѓето од болести.

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.