ММС

Објавено на: 04/26/21 2:41 PM

Дали дозволувате цели фамилии да останат без парче леб: Секторите кои се на раб на опстанок бараат пакет мерки за помош

Досегашната поддршка од државата за туристичко-угостителскиот сектор не е доволна. Обврските доспеваат и доведена е во прашање егзистенцијата на многу семејства кои работат во овој сектор – беше предупредено на денешниот протест пред Владата.

На вработените во туристичко-угостителскиот сектор им се придружија и сметководителите. Сите тие по Велигден ќе одлучат со какви активности понатаму ќе ги бараат своите права од институциите.

„Четиринаесет месеци туристичко-угостителскиот сектор се бори со предизвиците кои ги создава кризата предизвикана од пандемијата, како и од недоволната поддршка. Затоа претпријатијата тешко се справуваат и сѐ повеќе се губат работни места. Најголемиот дел од овие претпријатија користејќи ја својата сособност и ангажирајќи ги сите расположиви ресурси досега наоѓаа начин да преживеат, но веќе сите алтернативи се исцрпени. Без континуирана поддршка нема спас за овој сектор“, изјави попладнево Мартин Ангеловски од Туристичко-угостителската комора.

Според него, средствата предвидени со шестиот пакет антикризни мерки би можеле да помогнат да се ублажат штетите доколку се се имплементираат на соодветен начин.

„Веруваме дека средствата кои се предвидени од шестиот пакет може да да помогнат да се ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор, ако се имплементираат на соодветен начин. Постапките за нивна имплементација сѐ уште не се познати и бараме да се земат предвид нашите барања кои веќе се доставени до Владата, бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најзасегнатите сектори“, додаде Ангеловски.

Од туристичкиот сектор велат дека летото е на самиот праг, а границите речиси за сите држави се затворени.

-Ние сме отворени за странци, но сме црвена зона, не се чувствуваат безбедно да патуваат во нашата држава. Нема билатерални договори за отворање на границите. Прометот е речиси нула. Како мислите да фунционираме ако немаме помош од страна на државата? – прашаа туристичките работници на денешната прес конференција пред Владата.

Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора порача дека туристичките агенции се семејни бизниси и дека без поддршка, цели семејства би останале без парче леб.

„Дали дозволувате цели фамилии да останат без парче леб? Во овој бизнис имаат инвестирано млади луѓе. Дали сакаме ние, младите  да се покаеме што сме се одлучиле за ова и да бидеме со спремни куфери кога ќе се отворат границите за да ја напуштиме државата ? Петти ден апелираме за неопходноста од помош, се’ уште немаме одговор. Дали го заслужуваме тоа? Имаме потреба од континуирана финансиска помош, имаме потреба да ги решиме проблемите со ваучерите, не сакаме да пропаднат тие средства на граѓаните. На раб се туристичките агенции. Доколку не ни дадете значење  и да ни дадете до знаење дека вредиме и тоа што досега сме го направиле не е за џабе. Сите овие наши барања се за да опстоиме“, истакна Алексова.

На денешниот протест повторно се приклучија и од Комората на сметководителите од каде сметаат дека се забравени од државата.

„Постоиме, ова беше пораката која ние сакавме да им ја пренесеме на државните институци. Преку нас поминува сѐ, ние ги обезбедуваме даноците и придонесите, сите економски мерки поминуваат низ нас. Но наместо државата да ја знае нашата вредност,  ние сме заборавени. Она што институциите го доцнат, ние треба да го надоместиме за два или три дена, здрави или болни. Истото и овој пат се случи. Апликацијата за финансиска поддршка ние треба да ја сработиме заклучно со петок кој е неработен празничен ден, со недостапни обрасци за аплицирање. Сѐ што имаме се наметнати обврски кои се зголемуваат“, нагласи Александра Андреева, од Комората на сметководители.

Таа потсети дека тие побараа законски измени донесени на транспарентен и инклузивен начин, пролонгирање на роковите за даночни пријави и неповратна поддршка за сите сметководствени бироа.

„Изминатите денови добивме одговор дека дел од нашите барања ќе бидат исполнети. Ќе се работи на нов Закон кој ќе ни ги обезбеди  правата. Ќе се работи на системско решавање. Затоа,  да не заборават институциите дека постоиме и ние сме тие кои ја сработуваат целата работа за стопанството“, додаде Андреева.

На денешниот протест беше побарана средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и со министрите Фатмир Бисими и Крешник Бектеши.

Очекуваме пред да излезе начинот на апликација и јавниот повик да бидеме повикани и да се направат корекции во интерес на исполнување на нашите барања. Ако не излезат во пресрет ќе си ги бараме и понатаму нашите права. Се работи за егзистенционален проблем – алармираа вработените во туристичко-угостителскиот сектор.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.