ММС

Објавено на: 04/26/21 12:24 PM

Патентираните идеи доаѓаат од граѓаните, а не од фирмите – Одбележан Светскиот ден на интелектуална сопственост

Пронајдокот на Димитрија Анѓелков од Кавадарци кој со неговиот тим измисли „Респираторна машина“ ја доби наградата „Патент на годината за 2020 година“ која ја доделува Државниот завод за индустриска сопственост кој на тој начин го одбележа 26 април, Светскиот ден на интелектуална сопственост.

„Воедно да го честитам денот на индустриската сопственост со мојот прво награден патент на годината за 2020 која официјално ја добив денеска. Благодарност до директорот на државен завод за индустриска сопственост Горан Герасимовски и вработените кои прават се за нас. Во нас е и оревот и каменот“, објави Димитрија Анѓелков на Фејсбук.

Исто така Државниот завод за индустриска сопственост им додели признанија на иноваторите Борис Нешковски, кој доби златен и сребрен медал на саемите во Москва и Мароко за изумот „Интелигентен стап за навигација на слепи лица“ и на Драган Јованов за иновацијата „Агрофит тоник за мултиплекс склероза“ кој беше добитник на девет златни медали и еден златен пехар.

Заводот открива дека патентираните идеи главно доаѓаат од граѓаните, а помалку од компаниите и затоа фокусот ќе биде да се стимулираат и запознаат особено малите и средни претпријатија за придобивките кои ги нуди заштитата на производите или идеите.

– Малите и средните претпријатија имаат значајна улога во економијата, а наша цел е да ги поддржиме и им помогнеме на патот кон успехот. Денес порачувам дека заштитата на правата е единствениот начин за заштита на вашиот производ и бренд и предуслов за успешен пласман на пазарите. Затоа ова треба да е прв чекор при започнување на бизнис. Без разлика во кој сектор работите, заштитата на правата не е инвестициј, туку ваш најголем капитал – изјави директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Горан Герасимовски.

ДЗИС потенцира дека преку патентирање на идеи се овозможува посигурна положба на пазарот и јакнење на конкурентноста на претпријатијата. Инвестицијата во заштита е многу повеќе од заштита од потенцијалните конкуренти. Тоа е начин на зголемување на пазарната вредност на малите и средни претпријатија и зголемување на можностите за профит.

Токму поради ова ДЗИС постојано укажува дека малите и средни претпријатија треба да ја вреднуваат интелектуалната сопственост и да ја третираат како капитал. Според досегашната работа на ДЗИС вредноста на интелектуалната сопственост и нејзиниот потенцијал за зголемување на вредноста на претпријатието и остварувањето на поголем профит честопати е потценета од страна на малите и средни претпријатија.

Орце Костов

извор: Приватна архива на Фејсбук

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.