ММС

Објавено на: 04/26/21 11:27 AM

„Сине, фаќај книгата!“ ќе замине ли во историјата? Родителите со петиција против електронските учебници, но поделени околу начинот на изведување на наставата

Отпорот кон најавата за дигитализација на учебниците од четврто одделение ги обедини родителите, кои ланската година се поделија во гледиштата за начинот на следење на наставата. Над 17 илјади лица досега ја имаат потпишано онлајн петицијата со која се бараат печатени учебници во новата учебна година, но и враќање на сите ученици во училишните клупи. Дел од родителите кои се против најавите за електронски книги, сепак и понатаму се поборници за тоа наставата да се следи онлајн, додека други стравуваат дека доколку не се овозможи физичко присуство цели генерации ќе останат неписмени. 

Во битката за поквалитетно образование, родителите ќе ги формализираат чекорите. Тие се консултирале со правници, па наскоро ќе отпочнат со потпишување официјална петиција со која ќе целат кон тоа да обезбедат потписи од минимум 10 илјади лица потпишани со име, презиме и број на лична карта. Нивните барања ќе и’ ги  предочат на министерката, Мила Царовска така што ќе ги достават до МОН в среда. Ова надлежно министерство ќе има рок во кое треба да одговори на барањата, во спротивно не се исклучува можноста за бојкот на наставата.

„Кога министерката изјави дека на децата им е здодевно во училиште, таа ги повреди сите просветни работници, го повреди целиот образовен систем. Со тоа испаѓа дека наставниците не се погрижиле на децата да им е интересно, а не знам како дојде до тој заклучок. МОН кај нас не направи пилот-програма како што се прави тоа во многу други земји за да се види дали нештото функционира, па потоа да се имплементира. Треба да се направат истражувања и одлуките да се носат врз основа на тоа што е најдобро за децата“, вели во разговор за ММС, Драга Спасевска.

Таа е мајка на три деца и администратор на групата „Учебници и настава мора да има“. Ова е трета група која родителите ја формираа на социјалната мрежа Фејсбук откако почна пандемијата и сето она за што се дискутира во неа ќе биде срочено на листа со барањата која тие ќе ја достават до МОН. Двете клучни барања, според Спасевска се обезбедување мерки и протоколи за безбедно враќање на децата во училишните клупи и продолжување на наставата со печатени учебници.

„Реално гледано, настава со физичко присуство имаме и се одвива супер. Наставата функционира за децата од прво до трето одделение и не знам како за другите, за поголемите не функционира. Нема родител кој не би посакал да го испрати детето нормално на училиште, среќно и со учебници во ранец. Ние во барањата ќе нагласиме дека бараме да се пронајдат здравствено -безбедносни мерки кои ќе се имплементираат, со цел да се одвива настава со физичко присуство“, вели Спасевска за Македонски медиа сервис.

Таа додава дека нејзините деца поради онлајн наставата, поминуваат пред компјутер значително време од денот, што лошо се одразува врз нивното расположение.

-Големата ќерка ми е прва година средно и таа не ги запозна професорите  и новите другари. Второто дете ми е шесто одделение и не ги запозна новите наставници и некои нови другарчиња. Најмалото дете пак, ми е на петгодишна возраст и оди во градинка. Како тогаш  градинките функционираат, а не се најдат протоколи за другите деца? – прашува нашата соговорничка.

Според неа, со воведувањето електронски учебници, штетите по психофизичкото здравје на децата ќе бидат уште поголеми.

„Децата почнаа да стануваат анксиозни, пројавуваат нервоза и раздразливост, постојано се на компјутер. Освен тие часови што ги поминуваат задолжително пред компјутер,  потоа изготвуваат проекти и повторно се пред компјутер за да ги испратат на наставниците. Многу време е детето врзано за електронски уреди. Доколку ни воведат уште електронски учебници ова ќе биде крах и ќе настанатпроблеми и за учениците и за родителите, а ние како родители гледаме како нашите деца се уништуваат. Ќе се јават последици по видот и по р’бетот“, предупредува Спасовска.

Таа е децидна дека родителите се обединиле непартиски.

„Самата министерка е лице кое нема ниту еден ден работен во образование и овој проблем доаѓа од таму. Ние сме обединети  бидејќи сме свесни и родителите и наставниците, дека ова не е под никаков услов добро за децата, тоа не е добро за нивниот раст и развој. Многу е жално што министерката ништо не истражила за растот и развојот на децата,  односно за тоа како минатите 2 години децата го поминуваат денот и како тоа влијание на нив. Не се консултирани стручни лица, не се побарани психолозите и педагозите за мислење. Пред се’, мислам дека во образованието не треба да има партизација. Нека дојдат на функција лица со искуство со деца, треба да се донесат одлуки врз база на детските потреби“, апелира Спасевска.

Средношколски сојуз: Дигиталното не смее да биде единствено решение

Окако претходно организацијата Средношколски глас реагираше на најавата за дигитализација на учебниците, денеска на прес конференција реагираа и од Средношколскиот сојуз.

Од Сојузот велат дека дигитализацијата е добар чекор, но не смее да биде единствено решение.

„Образовниот систем мора да ги почитува индивидуалните желби на секој ученик. Нема ниту една земја која целосно користи дигитални учебници. Моделот мора да биде сензитивен за ралзичностите, а училиштата мораа да имаат соодветна структура“, порача Бленди Ходаи од Средношколски сојуз.

Во однос на изјавата на министерката дека на учениците не им е интересно, тој порача дека училиштата секогаш ќе бидат интересни за учениците и нема да биде интересно да се одлучува без тие да бидат консултирани.

Средношколците се децидни дека остануваат отворени за да дадат придонес во развивањето на образовната политика, а спремни се и за средби со надлежните.

Марина Станковиќ: За добро образование потребни се еднакви животни услови и шанси за сите

На оваа тема разговаравме со уште две мајки, кои истовремено се дел и од просветниот кадар. Тие образложија како ваквите најави, ако се реализираат, ќе влијаат и во нивното работење.

Марина Станковиќ е наставничка по ликовно образование и вели дека поради нискиот стандард на живеење, дигитализацијата на учебниците нема да донесе подобро совладување на наставниот материјал.

„Се зборува за дигитален учебник, а замислете некои деца немаат основни услови за живот. Во наставата на далечина оштетени се учениците кои можат да ја посетуваат, а замислете како им е на тие што никогаш не успеале да се приклучат. На детето му е потребна книга што може да ја држи, која не зависи од интернет конекција, да може да прави забелешки пишувајќи во тетратка бидејќи тоа е важно за размислувањето, како и комуникација меѓу мозокот и раката. Најважно е што кога читате од книга ништо друго не ви го зема вниманието. Ова не е најстрашниот момент во однос на е-учебници, најстрашно е она што го наметнуваат како единствен извор на информација, а тоа во превод значи многу повеќе време седење на столче и гледање во монитор“, вели Станковиќ.

Според неа, доколку продолжи учењето од далечина последиците за видот и грбот на децата би можеле да бидат катастрофални.

„Од општа култура и кампањи кои се водеа порано знаеме колку е важно да не ги доведуваме децата во таква состојба, за што можете да се консултирате со доктори кои многу постручно ќе ви објаснат што се случува во нивниот психофизички развој. Зборуваме за факти. Факт е дека децата многу почесто одат на очен лекар во изминатава година: зголемен диоптер, стекнат диоптер, главоболки предизвикани од преголема изложеност на зрачење, а замислете како и им е на оние што имаат само телефон од кој веќе година дена учат… Факт е дека се појавија многу проблеми со искривување на грбот (син ми е еден од тие случаи), болки во вратот, нозете… Не е препорачливо долго седење на столче бидејќи влијае на самата циркулација. Ако се продолжи со учење на далечина ќе биде уште покатастрофално од досега“, додава таа.

Станковиќ апелира дека секое дете има право на образование со еднакви услови и тие мора да бидат обезбедени од државата во секој сегмент од образовниот систем.

Оттука, во однос на најавите дека доколку некој сака хартиен учебник ќе треба сам да си го испечати, Станковиќ потенцира неколку прашања:

Дали сите родители/ученици имаат струја?

Дали сите родители/ученици имаат интернет конекција?

Дали сите родители/ученици имаат компјутер?

Дали сите родители/ученици имаат принтер, пари за тонер, пари за хартија?

Дали сите родители/ученици имаат основни услови за живот?

Дали училиштата имаат доволно средства за да опслужат цел персонал со основните потреби за работа: интернет, компјутери, прожектори, печатачи, тонери, хартија (бидејќи и претходно ни требаа овие нешта, а ги немаме, барем не сите училишта подеднакво)?

Таа смета дека има неколку клучни фактори кои се потребни за децата добро да го совладаат материјалот.  Вели дека тука пред се’ спаѓаат добрите нагледни средства во училштатата,  каде во секоја училница според неа, треба да постои „паметна“ табла. Таа потенцира дека доколку училниците се опремени соодветно за секој предмет, учениците ќе  имаат пооглема желба научат, да анализираат, да канализираат и апсорбираат знаења. Таа не го потенцува и бројот на часови, кој како што вели, е важен бидејќи распоредот треба да се заснова според вистинските потреби за едно општество, наместо да се намалуваат часовите кои се потребни за развивање на моториката, но и на вештините за набљудување и анализа кај децата.

„На крајот, училиштето треба да биде средина во која се вложува, како внатрешно така и надворешно, да се има пријатна атмосфера за работа, место каде што сакаат да доаѓаат, а со тоа се развива и почит кон државата и голема самодоверба, чувство на еднаквост со сите останати напредни земји на кои им се воодушевуваме“, посочува Станковиќ.

Во однос на предметот кој таа го предава (Ликовна уметност) вели дека и не и’ се потребни учебници бидејќи не се променети со години и немаат современ пристап.

„Јас тоа го надминувам со презентации кои содржат далеку повеќе информации од било кој учебник по ликовно образование. На пример речникот на задните страни е ист од 6 до 9 одделение. Она што ми треба за мојот предмет е блок часови, како порано. Учениците иако се родиле во период по укинувањето на блок часовите, сега самите бараат два часа бидејќи еден не им е доволен да го доведат креативниот момент до соодветно ниво по кое ќе можат да доработат наредните блок часови. Значи јас многу добро знам како да ги анимирам, но потребно е време за да бидеш креативен, потребно е да се има непрекината мисла во одреден момент. Има толку многу добри образовни модели, функционални, но секогаш на крај сите разговори ќе се сведуваат на нискиот стандард поради системот кој не функционира,а тоа највеќе се одразува на образованието и здравството. За да направите добро образование треба да имате еднакви животни услови и шанси за сите“, заклучува нашата соговорничка.

Димитриевска: Дигитализацијата е од помош во обрзовниот процес, но кога ученикот ќе го земе учебникот в раце, се создава магија

На иста линија околу најавената дигитализација на учебниците, е и м-р Светлана Димитриевска, наставничка по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје.  Таа укажува дека дигитализацијата е од голема помош во образовниот процес и дека е дополнителен избор на информации, но учебникот кој ученикот може да го земе в раце создава магија во процесот на учење.

„Како наставник по пијано, јас одамна сум дигитализирана, пред сè од недостиг на нотен материјал и продавници за нотна литература.Ги праќам на моите ученици, но секако работиме од печатени материјали.Таму заокружувам, подвлекувам, пишувам во сите бои.Така ученикот ги има моите забелешки во секое време кога вежба дома самостојно. Секако и снимките на youtube од изведби на големи пијанисти се достапни. Сепак, учебникот кој реално можеме да го допреме треба и понатаму да биде нераскинлив дел од образовниот систем“, вели Димитриевска за ММС.

Нејзиното искуство покажало дека меморирањето од учебник е поефикасно отколку од екран. Затоа вели, доколку дигитализацијата не е умерена ќе им наштети на креативноста и на критичкото размислување на учениците.

„Секако, треба да бидеме отворени кон промени, кои би придонеле за напредок на образованието. Позитивно нешто е тоа што секоја година ќе се ревидира програмата ќе се одбегне моментот на учење на застарени податоци. Ми се допаѓа идејата за анимации, квизови, нешто што би било интересно за учениците. Но, изјавите дека ќе ни бидат достапни и дигитални и печатени учебници, не се соодветни затоа што печатените би биле достапни ако сами си ги испечатиме“, посочува Димитриевска.

Според неа, печатењето во боја е скапо и неисплатливо, а колоритноста е многу важна за детскиот развој.

„Исто така, постои можност и за печатење во црно-бела варијанта, но тоа го нема истиот ефект како колоритноста. Не е залудно значењето на илустрацијата. Издаваштвото се’  уште постои. Дигитализацијата е само уште еден дополнителен извор, кој не може да ја замени книгата“, ни изјави Димитриевска.

Таа е мајка на две деца и смета дека доколку тие учат од електронски уреди, ќе се зголеми ризикот за настанување проблеми со видот и со грбот.

„Мислам дека МОН треба да бидат поотворени за прашања и одговори према јавноста. Сите ние сме сведоци на неуспешни промени во образованието,така што скептицизмот, недовербата и стравот од негативни промени се присутни.Од тоа што можев да прочитам и да се информирав, сфатив дека учениците ќе треба и на час да бидат со таблет, кој пак ќе треба да им го обезбедиме ние родителите, исто како што ќе треба да им печатиме учебници, освен за семејствата од ранлива категорија. Каде е тука еднаквоста, рамнопоравноста, бесплатното школство? Сите ученици би требало да добијат исти таблети“, вели Димитриевска.

Таа предлага МОН да отвори бесплатна телефонска линија каде граѓаните би можеле да поставуваат прашања.

„На основа на поставените прашања МОН ќе имаат увид во сè што не е јасно и секако можност да одговорат на прашањата, со што би се намалила недовербата и би се зголемима соработката со родителите, па и со наставниците“, додава Димитриевска.

Петровска:  Треба да имаме промени во образованието, но да не се исклучува правото на избор

На тема „дигитализација на учебниците“ разговаравме и со Николина Петровска, магистер по предучилишна педагогија и медиумски едукатор. Вели дека треба да се случуваат промени, но не и без да се слушне мислењето на наставниците и родителите.

„За сум за дигитализирање, но не сум за за целосно отфрлање на печатените материјали.  Се залагам за изворно воспитување, а тоа го вклучува правото на избор. Зошто да нема право на избор, да избере ученикот со родителот. Да постојат двете опции. Според мене важно е денес да бидеме подобри од вчера. Да има право на избор и секое дете да има достапно образование. Сакам поубаво образование, да не се откажуваме. Само да не се исклучува правото на избор“, апелира Петровска.

Во однос на мислењето кај дел од јавноста дека треба да преземеме некои искуства од другите држави, таа смета дека нема потреба да копираме.

„Светот почнува од нас. Да го направиме подобар. Мене ми се допаѓаат новите образовни реформи. Имаат недостатоци, но јавноста не е доволно информирана, а голем дел ја немаат ниту погледнато програмата“, истакнува Петровска.

Според неа, печатената книга има посебен дух, но несомнено е важно и правото на избор.

„Сепак да понудиме избор. Тоа секогаш е добро решение според мене. Како е најдобро да се привлече и да се задржи вниманието на ученикот? Вештините на 21 век сметам дека го нудат тоа“, ни изјави Петровска.

За министерката Царовска беспредметна е поделбата на „за“ и „против“ дигитализација кога целиот свет се дигитализира

И покрај бројните негодувања во јавноста, министерката за образование и наука Мила Царовска не се откажува од идејата за дигитализација.

„До лани, главна дискусија меѓу родителите беше тежината на ранците и на секоја родителска средба се дискутираше како да ги спасиме учениците од тешките ранци со неквалитетни учебници, коишто се непотребни. Дигатилизацијата е едно од решенијата за тоа. Но, учениците добиват и можност да добијат хартиена верзија, аудио верзија, верзија на Брајово писмо, што за прв пат се поставува, за да можат сите ученици да имаат пристап. Со дигитализацијата и помалубројните етнички заедници ќе добијат учебници на мајчин јазик. Тие до вчера немаа учебници затоа што некој немал интерес да им ги испечати, не му било исплатливо, но со дигитализацијата тие ќе бидат достапни на сите јазици“, додава Царовска.

Според министерката дигитализацијата ќе овозможи поголема интеракција кај учениците и ќе се зголеми квалитетот на наставниот материјал.

„Но, од прво до трето, кога учениците имат потреба од стекнување на вештини и знаења и создавање на однос кон книгата, учебниците се печатени, со соодветни илустрации и бои. При тоа, секој наставник ќе треба да посочува и дополнителна литература. Дигиталните учебници се изготвуваат за четврто одделение, по новата наставна програма, заради тоа што таа бара интерактивност и ги насочува учениците кон истражување и решавање на проблеми“, смета Царовска.

Реакции за дигитализацијата на учебниците од опозицијата

Оваа тема се вметна и во партиските препукувања, па со реакции излегоа и од Левица и од ВМРО-ДПМНЕ.

Според овие две партии, дигитализацијата на учебниците ќе ги дискриминира децата од социјално ранливите категории семејства.

-Јасно е дека министерката нема претстава за руинираните училишта без основни услови за греење во дотраени објекти, кои се честа слика особено во руралните средини. Дополнително, потценувачки и манипулативни се проценките на Министерството за образование дека само за 400 ученици ќе бидат проблем дигиталните учебници, кога 1.300 семејства немаат ниту електрична енергија. Што значи, се работи за многу поголем број на деца кои ќе бидат дискриминирани и социјално обележани – се вели во писмената реакција на оваа партија.

Од Левица потенцираат дека се залагаат за реформи, со кои пред се’ ќе се решат економските и социјалните проблеми со кои се соочуваат училиштата, наставниот кадар и учениците.

-Секакво грубо форсирање на брзоплети реформи укажува само на тоа дека власта брза да го потроши кредитот во нејзиниот должнички тренд, чии акумулирани долгови ќе ги плаќаат идните генерации – сметаат од Левица.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, апелираа дека  без печатени учебници ќе се зголеми нерамноправноста.

Со оглед на тоа дека и самата Царовска кажува дека 1300 ученици немаат струја, стотици ученици учат алтернативно, на телевизија и со земање печатени материјали од училиштата, стотици немаат уреди за следење на онлајн настава, таа треба да е сосема свесна дека околу 25.000 ученици остануваат на милост и немилост на судбината и финансиската немоќ на нивните родители, од проста причина што овие ученици се припадници на најранливите категории на граѓани.

„Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца“, предупредија од  партијата.

„Со оглед на тоа дека и самата Царовска кажува дека 1.300 ученици немаат струја, стотици ученици учат алтернативно, на телевизија и со земање печатени материјали од училиштата, стотици немаат уреди за следење на онлајн настава, таа треба да е сосема свесна дека околу 25.000 ученици остануваат на милост и немилост на судбината и финансиската немоќ на нивните родители, од проста причина што овие ученици се припадници на најранливите категории на граѓани. Учебниците наместо МОН, според Царовска, ќе треба да ги печатат училиштата, кои од задолжените општини не можат да обезбедат финансии ниту за најосновните потреби, па оттука учебниците ќе паднат на товар на родителите. На оние истите родители кои немаат струја, немаат интернет, а не пак компјутер за своите деца“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Воведувањето на електронски учебници и материјали е предвидено со измените на Законот за учебници и други наставни и дидактички материјали. Ваквите материјали веќе поминаа на владина седница и тие се всушност дел од реформите кои ги најави Царовска во однос на националниот образовен систем.

Додека родителите освен двете клучни барањата се подготвуваат да испорачаат уште неколку кои в среда на прес конференција ќе и’ ги предочат на јавноста, мислењата околу изведувањето на јавноста и понатаму се поделени. Според некои, во време на пандемија апсурдно е да се праќаат децата на училиште со цел да останат на безбедно во своите домови. Според други, следењето на наставата преку компјутер е веќе неизводливо и непродуктивно, особено во семејствата со две или повеќе деца.

Фото: Илустрација / Freepik

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.