ММС

Објавено на: 04/26/21 8:35 AM

„Номадленд“ кој доби Оскар за најдобар филм е трет филм на режисерката Жао

„Номадленд“ на Клои Жао е прогласен за најдобар филм на годинашното доделување на Оскар, награда на Американската академија за филмска уметност и наука, што се одржа изминатата ноќ во театарот Долби и на други локации во Лос Анџелес.

Филмот ја освои главната награда, Оскар за најдобар филм, додека режисерката Жао(39), ја освои наградата за најдобар режисер и стана втората жена што ја доби наградата на Американската академија за филмска уметност и наука во таа категорија. Ова е трет филм во нејзината кариера.

Првата режисерка што ја доби наградата за најдобар режисер беше Кетрин Бигелоу за филмот „Катанец за болка“ на церемонијата одржана во 2010 година.

„Финк“ од Дејвид Финчер, кој беше фаворит со најмногу номинации, вкупно десет, освои само два Оскари во категоријата најдобра фотографија и најдобар декор.

Франсис Мекдорманд го доби Оскарот за најдобра актерка за улогата во филмот „Номадленд“.

Актерот Ентони Хопкинс ја освои наградата за најдобар актер за „Таткото“, во која тој глуми старец кој тоне во деменција. За Хопкинс (83) ова е втор Оскар, а првиот го освои во 1992 година за улогата на славниот Ханибал Лектор во филмот „Кога јагнињата ќе молчат“.Хопкинс стана и најстариот оскаровец.

Актерот Даниел Калуја и актерката Ју-Џунг Јун освоија Оскари за најдобра споредна машка и споредна женска улога. Калуја доби Оскар за улогата во филмот „Јуда и црниот месија“. Актерката Ју-Џунг Јун ја доби наградата за улогата во филмот „Минари“.

Глен Клоуз (74) не успеа да го освои својот прв Оскар. Таа беше номинирана во категоријата најдобра женска споредна улога и тоа беше нејзина осма номинација во кариерата.

Филмот „Пијан“ на данскиот режисер Томас Винтерберг го освои Оскарот за најдобар странски филм. Во оваа категорија беше номиниран и босанскиот „Кво Вадис, Аида“.

Оскарот за најдобро адаптирано сценарио му припадна на „Таткото“, кој беше номиниран во вкупно шест категории.

Како и секоја година, сите номинирани добија вредни подароци, но без ваучери за патувања поради епидемијата на корона вирусот. Подароците вклучуваат заштитни маски, витамини и препарати за зајакнување на имунитетот.

Со доделувањето на Оскарите во 24 категории ја завршува сезоната на филмски награди во светот.

Список на главни добитници на 93-те Оскари, наградите на Американската академија за филмска уметност и наука, што се одржа во театарот Долби и на други локации во Лос Анџелес.

– Најдобар филм: „Номадленд“

– Најдобра режија: Клои Жао, „Номадленд“

– Најдобра машка улога: Ентони Хопкинс

– Најдобра актерка: Франсис Мекдорманд

– Најдобра споредна машка улога: Даниел Калуја

– Најдобра споредна женска улога: Ју-Џунг Јун

– Најдобар странски филм: „Пијан“, Томас Винтерберг, Данска

– Најдобар документарен филм: „My Octopus Teacher“

– Најдобар анимиран филм: „Soul“ на Пиксар Студио

– Најдобро оригинално сценарио: „Ветувачка млада жена“

– Најдобро адаптирано сценарио: „Таткото“

 

danas.rs

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.