ММС

Објавено на: 04/25/21 9:11 AM

Комисијата за заразни болести деновиве ќе одлучува дали ќе има нови мерки за Велигден

Епидемиолошка состојба со Ковид-19 се очекува наредните денови да биде анализирана од Комисијата за заразни болести, по што ќе биде одлучено дали ќе има нови мерки за време на претстојните велигденски празници.

Постојните мерки за ограничување на движењето и другите рестрикции и мерки за примена на личната заштита за спречување на ширењето на Ковид-19 се со важност до 27 април.

Според министерот за здравство Венко Филипче, иако состојбата со Ковид-19 се стабилизира мора да останеме максимално внимателни. Граѓаните треба максимално да ги почитуваат мерките кои се на сила, а посебно треба да бидат внимателни за претстојните празници кои се голем епидемиолошки ризик.

– Вакцината е најдобриот начин за борба против пандемијата. Секој од нас треба да учествува во таа битка. Само така ќе може да му се вратиме на нормалното живеење, на блискоста со драгите луѓе, на дружбите со пријателите. Пријавете заинтересираност за вакцинација на vakcinacija.mk , објави вчера министерот Филипче на својот фејсбук профил.

Вакцинацијата во државава се одвива добро. Досега се вакцинирани 44 974 граѓани, а за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk се пријавени 192 459 граѓани. Се очекува имунизацијата поинтензивно да продолжи да се спроведува по велигденските празници.

Министерот Филипче во петокот изјави дека 200 000 дози од вакцината „Синофарм” треба да пристигнат околу 28 април.

– Добивме листа од компанијата „Фајзер” со која ни беше презентиран распоредот со кој ќе стигнуваат останатите количини во мај. Секој понеделник меѓу 5000 и 7000 вакцини, околу 26 000 се предвидени да стигнат во текот на целокупниот месец и тоа ќе биде една количина која ќе испланираме како ќе биде дистрибуирана ширум државата, истакна Филипче.

Шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг, чија земја е координатор на ЕУ за испорака на вакцини за Западен Балкан во интервју за МИА истакна дека за регионот се обезбедени 651 000 дози од вакцината на Бионтек/Фајзер, а пред неколку дена биле склучени договорите со сите шест партнери од Западниот Балкан. Од оваа количина во Северна Македонија ќе бидат испорачани 119 000 дози во неколку транши почнувајќи од мај до крајот на август.

-Австрија однапред ќе ги финансира вакцините. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе бидат финансирани преку средства од ИПА II што Европската комисија ги одобри при крајот на декември минатата година. Така, сите 119 000 дози за Северна Македонија ќе претставуваат донација од страна на Европската унија и нејзините земји-членки, истакна Шаленберг.

Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 564 случаи со Ковид-19, 22 починати и 1 357 оздравени пациенти. Бројот на активни случаи во земјава изнесува 17.128, од кои 7737 се во Скопје.

На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1528 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот од кои 596 пациенти во Скопје.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.