ММС

Објавено на: 04/24/21 7:15 AM

Стартува обуката за примена на новите наставни програми во прво и четврто одделение

Министерството за образование и наука денеска ќе организира обука наменета за обучувачите кои треба да ги подготват наставниците како да ги применуваат новите наставни програми за прво и четврто одделение, во кои од учебната 2021/2022 година треба да почне спроведувањето на новата Концепција за основно образование. На настанот ќе присуствува и ресорната министерка Мила Царовска.

Наставните програми беа изработени од работни групи во кои, покрај советниците на Бирото за развој на образованието, учествуваа и универзитетски професори и практичари – наставници од основно образование избрани на јавен оглас. Изработени се врз основа на национални стандарди базирани на компетенции и се фокусираат на резултати од учењето, поттикнуваат учење со разбирање, развивање на критичкото мислење и креативноста.

Според МОН, наставните програми ќе обезбедат поголема видливост на интеграцијата, односно реализација на сродни теми од различни наставни предмети во текот на исто одделение, со цел да се синтетизираат различни перспективи за предметот.

– На овој начин, учениците полесно ќе ја разбираат и совладуваат наставната материја. Фокусот е ставен на учење со разбирање кое помага во развој на критичкото мислење и креативноста, наместо досегашното фактографско учење и меморирање податоци. Исто така, со новите наставни програми предност се дава на формативното, наспроти сумативното оценување што подразбира дека постигањата на учениците ќе се следат на дневна основа, наместо само да се организираат тестирања на крајот на одредени периоди – тримесечје или полугодие, соопшти МОН кога ги усвои новите програми.

 

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.