ММС

Објавено на: 04/22/21 3:29 PM

Жртви на онлајн насилство се опседнуваат со помислата за ликвидација на насилникот: Пандемијата ја зголеми одмаздничката порнографија во земјите од регионот

Сѐ повеќе млади жени од регионот се жртви на насилство кое се случува во интернет просторот. Без нивна дозвола се споделуваат нивни фотографии и видеа кои тие ги испратиле на некое лице во кое имале доверба. Ова кај нив остава психолошки последици кои може да траат и со години – е заклучокот од денешниот онлајн настан на тема „Одмаздничка порнографија“, кој го организираше Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите.

-Одмаздничката порнографија е вид на онлајн насилство, што е влошено со пандемијата. Само на почетокот на минатиот месец беше обелоденето дека на Телеграм десетина илјади лица, претежно мажи од Балканот разменувале порнографски содржини. Најголемата група меѓу нив „EX YU Балканска соба“ имала 36 000 членови, кои споделувале фотографии и снимки од девојки – изјави социологот, Јелена Ризниќ.

Според неа, одмаздничката порнографија како таква треба да влезе во законодавствата, за да се испрати порака дека такво нешто е забрането и дека за истото постои организиран одговор.

Таа предупредува дека девојките ретко се охрабруваат да го пријават ваквиот тип на насилство поради силното влијание на патријархатот во одредени средини.

„Ние слушаме дека жените сами се виновни, има мислења дека ако некој се фотографира не треба да му пречи кога истата таа фотографија се споделува со некој друг. Довербата е фундаментална работа,  довербата дека некој нема да ве убие ви дава за право да излезете на улица, довербата дека некој нема да ја сподели вашата фотографија, ви дава за право да воспоставите емотивен однос“, додаде Ризниќ. Истражувањата на невладиниот сектор покажале дека во Србија секоја десетта средношколка преживува дигитално насилство. Според социологот, сега со пандемијата ваквата појава зема уште поголем замав.

„Можеме да видиме што се случува кога една жена јавно говори за насилството што го преживеала, дури и осудите за неа спаѓаат во тоа дигитално насилство. Новото нормално што се однесува на овој пандемиски облик на стварноста влијае врз облиците на насилство врз жените и девојките“, истакна Ризниќ.

Српскиот адвокат, Ѓорѓе Кривокапиќ порача дека „новото нормално“ ги менува балансите во секојдневието на луѓето.

„Ако досега институциите повеќе внимаваа на заштита на нашиот физички интегритет, треба да имаме иста заштита и на другиот дел од нашата личност, а тоа е психичкиот“, посочи адвокатот според кој, останува дилемата дали одмаздничката порнографија може да се третира како прогонување на една личност, чиј интегритет е нарушен.

„Со новата нормално слабо се движиме, сите сме заклучени дома и општеството се трансформираше. Кога зборуваме за одмазничка порнографија не се тоа дела  во кои не знаете кој стои зад нив, лесно е да се препознае и да се најде кој е тој што има мотив. Нема криминалистиката да ни овозможи откривање на случаите, всушност треба да го разгледаме опкружувањето на жртвата и така ќе се утврди кој стои зад процесот“, додаде Кривокапиќ.

Тој вели дека како термин „одмаздничка порнографија“ според него е во ред, бидејќи тоа говори дека некој има мотив за нешто.

-Различни култури различно се носат со порнографијата. Ние имаме право ако сакаме да се изразуваме порнографски, но кога тоа се прави од одмазда се нарушува психичкиот интегритет и тоа треба да се води како дело „прогонување“ – смета адвокатот.

На денешниот онлајн настан беше спомената и македонската група  „Јавна соба“ на Телеграм. Во овој контекст, адвокатот порача дека земјите од Западен Балкан треба да се обединат, да постигнат единство на дигиталниот пазат и да побараат поддршка од ЕУ.

„Ние како граѓани сме потполно без механизми за сериозна реакција. Може да се дејствува, но не е едноставно, познавањето на процедурите на дигиталната писменост е многу важно. Врсничката едукација е важна за заштитата, потребна е и изградба на добар механизам помеѓу секторот образование, полицијата и обвинителството. Треба да се разгледаат реформите за да може да се пренасочи постапувањето на полицијата и таа да спроведе одредени истражни постапки. ЕУ е еден голем пазар и таа се бори изминатите 10 години меѓу големите компании. Овие компании не се европски, традиционално беа американски, има и кинески компании кои ги земаат нашите податоци. Платформите имаат суверинитет и моќ, ние им ги даваме нашите лични податоци, ги прифаќаме нивните правила без да читаме и кога ќе се случи проблем тешко се наоѓа излез“, предупреди Кривокапиќ.

„Мораме да се занимаваме со социјалниот конктекст, да ја спречиме осудата на жртвата, да ги осудиме тие што осудуваат, особено кога жените се од загрозена група, на пример се адолесценти, или  доаѓаат од средини со јака патријархална култура без да имаатсемејна поддршка. Со тоа  треба да се бориме . Технологијата секако се менува од ден на ден, затоа ние треба да ги третираме и причините, а не каналите, бидејќи тие се променливи“, додаде тој укажувајќи дека оној кој сака да нанесе штета ќе најде начин да го стори тоа.

Јакша Баковиќ од црногорското Министерство за внатрешни работи ја поистоветува одмаздничката порнографија  со психичка злоупотрба, но и со социолошко оттуѓување.  Тој вели дека полицијата не може да ги забрани групите на Телеграм, бидејќи тие се отворени за луѓето и се согласува со Кривокапиќ, дека ваквата порнографија е заснована на луѓето од опкружувањето.

„Полицијата може да ја замоли странската страница да го тргне видеото, но проблем е што таа снимка може да стане вирална и да почне да се споделува од  корисник на  корисник. Во повеќето случаи, жртвите знаат кој го сторил тоа“, додаде Баковиќ.

Жртвите на ваквиот тип насилство, сепак често се квалификувани како провокатори и стануваат мета на напади со чувство на страв и вина – покажува досегашното искуство на психологот Аида Перовиќ од црногорската невладина организација Прима.

-Што  ги  учиме  младите?  Ние не им велиме немој да се снимаш, бидејќи тоа може да биде дел од игра, од заведување и не смее да биде злоупотребено, но кажуваме дека не треба да се наивни , да не бидат уценети со реченицата „ако ме сакаш, ти би се сликала за да ми недостигаш помалку“. Тој притисок дека ќе остане без партнерот  прави чувство на вина, осаменост и тоа води кон праќање на таа фотографија која лесно се злоупотребува – истакна психологот. Таа советува ако веќе некој сака да испрати на својот партнер интимна фотографија тоа да биде направено на начин без да се гледа ликот, накитот, па и евентуалните тетоважи по телото.

„Не треба да се сликаат делови од телото по кои жртвата може да биде препознаена. Ако сепак една таква фотографија биде објавена, тоа нема да значи многу за жртвата, но сепак ќе се заштити нејзиниот идентитет бидејќи никој друг нема да ја препознае“, вели Перовиќ.

Според неа, ваквото насилство станува сѐ побрутално со технолошкиот напредок, па дури и кога има казни за насилниците, тие се минимални. Во образованието пак вели таа, едукацијата на темата сексуално насилство зависи од самиот кадар.

„Кадарот е високо образован, но и таму имаме табуа. Сексуалното образование треба да се воведе во веќе постоечките предмети Системот треба да прати пораки дека тие се должни дури и кога не се согласуваат,  да истакнат  дека не толерираат никаков вид насилство“, потенцира Перовиќ.

Психологот апелира дека не треба да има застарување на ваквите дела, кои оставаат далекусежни последици кај жртвите. Таа има искуство и со девојки кои целосно се опседнале со помислата да го ликвидираат насилникот.

„Ние зборуваме за бројни психолошки последици и аргументираме дека психолошките последици се долги и ви требаат години за да го надминете тоа. Сум работела со девојки кои активно  планирале да го ликвидираат човекот кој ги депласирал во јавноста Тие губеа контакт со реалноста, беа опседнати со тоа и беа нефункционални  во односите до другите луѓе“, нагласи Перовиќ. Таа додаде и дека треба активно да се работи на восптувањето кај младите дека не треба да бидат насилстви, затоа што во спротивно мерките би дале само половични резултати.

Учесниците на денешниот настан се едногласни дека одмаздничката фотографија е споделување фотографии и видеа без согласност на оној кој се појавува на нив, дека тоа е насилство кое не треба да се релативизира.

Според нив, притисокот на јавноста е важен за да се заостри постапувањето на институциите, бидејќи жртвите поминуваат низ пекол, но на таквата криза треба да се гледа како на нова можност

 

 

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.