ММС

Објавено на: 04/22/21 3:02 PM

Шилегов: За 70 милиони правиме 2 траси на БРТ, а не трамвај со една за 150 милиони

Опозицијата реагираше на заемот од 70 милиони евра од ЕБОР за проектот Брз Автобуски Транспорт во Град Скопје. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на Град Скопје смета дека ваквиот проект не е решение, туку ќе создаде голем сообраќаен метеж.

„Проектот за БРТ кој е замислен да се протега од Лисиче до Ѓорче Петров ќе го уништи средишното зеленило на булеварите „Видое Смилевски – Бато“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски – Питу“, „Кочо Рацин“ и „Партизански одреди“. Мрзеливиот Шилегов заради неговата неработа ќе ја загрози и главната водоводна цевка со дијаметар од Ф 1.600 мм од која со вода се снабдуваат општините Сарај, Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Драчево, Зелениково и Студеничани и е градена 1967-1968 со заварени челични цевки и се наоѓа на 2 метри длабочина во средишната зона на булеварот „Партизански одреди“, каде што впрочем и ќе поминува БРТ, а која е заштитна зона на водоводната цевка, така што и најмали осцилации може да имаат фатални последици“, велат советниците.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов во телевизиско гостување одговори на ваквиот став на опозицијата, кој истакна дека за 70 милиони евра градот прави две траси на БРТ, додека ВМРО ДПМНЕ сакале да направат трамвај со една за 150 милиони евра.

„Криво ми е што ДПМНЕ не успева да препознае што е добро за градските политики. Претходниот градоначалник на Скопје имал обид да донесе трамвај, кој што било планирано да се движи по истата траса, на којашто денес работиме и само трасата од Ново Лисиче до Ѓорче би чинела 150 милиони евра. И тоа е тоа на коешто ВМРО-ДПМНЕ работело или уште поточно се обидело да работи. Кога е нешто добро, треба да се каже дека е добро. Ако работеле на нешто што чини 150 милиони евра само за една траса, а ние работиме на нешто што чини 70 милиони евра за две траси, и сега тоа било добро кога вредело 150 милиони, а ова сега не чини затоа што вреди 70 милиони за две траси. А тие се трасите, предвидени се во ГУП, ниту јас можам да ги измислам, ниту ги додавам, ниту ги одземам. Значи работеле на истото, само во нивниот случај би не чинело 150 милиони на релација Ново Лисиче – Ѓорче.“, изјави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.