ММС

Објавено на: 04/22/21 2:37 PM

(ФОТО) „Ние одлучуваме кога ќе играте“, навивачите на Манчестер Јунајтед упаднаа во тренинг центарот

Официјализацијата на Европската Супер Лига во недела по полноќ, предизвика своевидна фудбалска револуција во изминатите неколку денови. Пресврти, откажувања, протести, оставки. Фудбалската игра подолго време не памети вакви бранувања во својата богата историја.

Четириесет и осум часа по ставањето потпис на 12-те екипи за формирањето на лигата, Англичаните се предомислија. Притисокот од навивачите, јавноста и медиумите, но и премиерот Борис Џонсон, ги натераа Челзи, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем уште еднаш да размислат за потегот и да стават „прст на глава“.

Од проектот прв се повлече Челзи, а потоа во т.н домино ефект сите шест преставници на најдобрата светска клупска лига „повлекоа нога“.

Иако Манчестер Јунајтед сепак реши да остане верен на ФА и УЕФА и сопственикот Џоел Глејзер преку јавно обраќање се извини на фан-базата, навивачите на еден од најголемите фудбалски клубови на планетата не забораваат.

Тие бараат оставки од богатите американски сопственици, кој името Манчестер Јунајтед го имаат ставено на берза и бараат промена на сопственичката структура и моделот на управување, налик онаа во Германија (51 отсто од акциите на клубот да бидат на навивачите).

 

Транспарент со текст „ние одлучуваме кога ќе играте“, осамна во тренинг центарот „Керингтон“, еден час пред почетокот на тренингот на фудбалерите на Манчестер Јунајтед. Сепак, незадоволната група успеа да разговара со некој од клубот и да ги објасни причините за ваквото делување.

Тренерот на „црвените ѓаволи“, Оле Гунар Солскјер, кој беше еден од противниците на Глејзери во 2005 година по нивното преземање, во мирен и пријателски тон разговарал со нив, а потоа во дискусијата се придружил и српскиот играч од средината на теренот, Немања Матиќ. На крајот, навивачите ги отпоздравиле своите миленици и го напуштиле просторот.

Имплементацијата на Европската Супер Лига вчера и официјално згасна. Со само четири преостанати екипи од првичните 12 (Реал Мадрид, Јувентус, Барселона и Милан), идејните творци на елитното натпреварување, Флорентино Перез и Андреа Ањели, изјавија дека лигата е суспендирана во моментот, но нема да се откажат тукутака во борбата за подобар фудбал и борбата против Европската куќа на фудбалот.

 

 

 

 

Фото: 

Twitter

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.