ММС

Објавено на: 04/22/21 10:51 AM

(ВИДЕО) Со двата гола против Беневенто, Горан Пандев влезе во „друштвото 100“ во Калчото

Тоа што се движи кон 40-ката, за капитенот на македонската фудбалска репрезентација воопшто не претставува никаков проблем. Горан Пандев ја живее втората професионална младост.

Поранешниот играч на Лацио, Интер и Наполи, го спаси својот тим од пораз против директниот ривал за опстанок во Сериа А и со два погодоци ги зацврсти шансите за останување во елитата на својот тим и следната година.

Тренерот Балардини реши да му даде шанса на струмичанецот од прва минута и воопшто не зажали. Со головите во 11-тата и 21-та минута во првото полувреме, Пандев влезе во „друштвото 100“ во Калчото.

Името на триесет и седумгодишниот напаѓач се најде помеѓу великаните на италијанскиот фудбал, впрочем и онаму каде што и заслужува. Сто или повеќе од сто погодоци во Сериа А постигнале иконите на Калчото како Џузепе Меаца, Роберто Баџо, Габриел Батистута, Лука Тони, Златан Ибрахимовиќ, Кристијан Виери, Андреј Шевченко, Робертон Манчини, Александро Дел Пиеро, Франческо Тоти.

Освоениот бод ја остави Џенова на 14-тата позиција на табелата, со изгледни шанси за осптојување во најдобрата италијанска лига и за кампањата 2021/22. Оваа, Пандев има забележано шест голови и две асистенции.

Голгетерски најплодното тло за Македонецот, очекувано со оглед на времето поминато во предградието во Рим, беше во Лацио (48).

Неколку денови пред остварување на троцифрената скорерска бројка, официјалниот канал на Џенова му посвети внимание на „легендата на Сериа А“.

Горан Пандев е едноставно бесмртен.

 

 

 

 

Фото:

Twitter / @GenoaCFC

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.