ММС

Објавено на: 04/21/21 8:03 PM

Втора доза од „Астра Зенека“ ќе може да се прими во Србија, во земјава нема да се вакцинираат лица под 60 години

Граѓаните кои примија прва доза од вакцината „Астра Зенека“, а сакаат да се ревакцинираат со истата вакцина, тоа може да го сторат во соседна Србија. Министерството за здравство останува на препораката да не се прима ревакцинација од „Астра Зенека“ кај лица помлади од 60 години.

– Доколку граѓаните сметаат и имаат волја да ја примат втората доза на вакцината на „Астра Зенека“ тоа може да го сторат во соседна Србија. Ние не препорачуваме да се прими ревакцина од вакцината „Астра Зенека“ кај сите кои имаат возраст помала од 60 години, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во централниот дневник на телевизија „Сител“.

Засега, Министерството останува на ставот оваа вакцина да се дава на лица постари од 60 години.

– Ние засега нема да ја даваме вакцината на „Астра Зенека“ кај помлади лица од 60 години затоа што сепак има мала бројка на тромботични ситуации кои се посебно предизвикани кај помлади луѓе и сметаме дека треба да бидеме внимателни. Сеуште нема јасна препорака, иако има некои најави, дали лицата кои се помлади од 60 години, а примиле прва доза од „Астра Зенека“ дека треба да примат друга вакцина. Од препораките што ќе произлезат од националните агенции на некои европски држави или од Европската агенција за лекови, ќе зависат и нашите препораки, рече Филипче.

Појасни дека тромботичните реакции се јавуваат отприлика 14 дена по примањето на првата доза од вакцината.

Дали ќе има полициски час и рестриктивни мерки за време на претстојните верски празници, министерот рече дека тоа ќе зависи од бројот на нови случаи и притисокот за прием на пациенти кон болниците во следниот период. Одлуката, како што посочи, ќе биде донесена во текот на следната недела.

Нагласи дека состојбата се стабилизира и спласнува притисокот врз болниците, иако голем дел од одделенијата кои примаат ковид пациенти не се целосно ослободени поради тоа што се уште има голем број на дијагностицирани пациенти кои поради карактеристиките на болеста и подоцнежното влошување на состојбата, постои можност да побараат медицинска помош во следниот период.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.