ММС

Објавено на: 04/21/21 2:46 PM

(ВИДЕО) Шалке 04 падна во „Цвајте“, навивачите ги нападнаа играчите со јајца, од спротивниот табор прославија со огномет

Уште по првите неколку кола на стартот на сезоната во Бундеслигата, повеќе од јасно беше дека големата германска екипа Шалке 04 во сезоната 2020/21 ќе се соочи со сериозни проблеми. Веќе во декември евидентен беше падот на Шалке во втората германска лига.

Вчерашниот пораз од Арминија Билефилд од 1:0 и официјално значеше крај на Шалке 04 во Бундесот и тешко испаѓање во популарната „Цвајте“. Екипата од Гелзенкирхен за првпат по 33 години испаѓа од германската елита, но да биде „болката“ поголема, Шалке сезонава не се ни потруди да ги израдува своите навивачи. На 30 натпревари, доскорашниот учесник во Лигата на шампионите забележа само 13 поени, само две победи, седум нерешени резултати и дури 21 пораз.

Преселувањето во понизок ранг за седмократниот првак на Германија, силно ги погоди неговите верни навивачи кои вчера се собраа околу стадионот и скандираа против управата, тренерот и играчите. Најразочараните од нив, својата фрустрација ја претворија во напад кон фудбалерите со јајца и погрдни зборови, а според германските медиуми и видео-материјалот во прилог, физички тргнале да се пресметуваат со нив.

Непотврдено, двете силуети кои трчаат како да им зависи животот од тоа, играчи се на последнопласираниот тим во Бундеслигата.

Полицијата од Гелзенкирхен изјави дека навивачите запалиле факели и огномети во близина на стадионот по натпреварот.

-Кога пристигна тимот и излезе од автобусот, веднаш почнаа напади со јајца упатени кон нив, како и вербални напади, објасни ја од полицијата.

Од клубот искажаа жалење за ситуацијата, но предупредија дека не смее по никоја цена да се става во опасност безбедноста на фудбалерите и стручниот штаб.

Од друга страна, навивачите на веројатно единствениот вистински ривал на Шалке 04, Борусија Дортмунд, релегацијата на „рударите“ ја прославија на ним својствен начин – со огномет и воодушевување.

 

 

 

Фото:

Тwitter / @Squawka

д.ј

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.