ММС

Објавено на: 04/21/21 10:55 AM

(Вознемирувачки видеа) „Удри и бокс, мори“ – Женски малолетнички тепачки во Велес

Откако јавноста синоќа ја вознемири видеото на кое 12-годишно девојче од Велес тепа врсничка во центарот на градот, ММС дојде до четири нови видеа во кои истото девојче е организатор на женска тепачка која останатите ја снимаат за да ја закачат на социјалните мрежи.

Во првото видео од синоќа, насилничката физички го нападна девојчето кое во истиот момент на телефон ја моли својата мајка да и каже да не биде малтретирана и тепана пред останатите девојки кои наместо да и помогнат и да ги разделат, снимаат со телефон радосни што ова ќе го видат сите на интернет.

Овојпат истото девојче ги подбуцнува своите другарки да се тепаат, а на останатите кои снимаат тоа им изгледа смешно. Во едно од видеата излегува сосед од зградата кој едвај успева да ги раздели децата кои после неколку удари си ги кубеа косите.



“Настанот е пријавен, МВР постапи по случајот и разговараше со родителите на децата. Социјален работник разговараше со децата и наскоро ќе излеземе со официјална и поширока информација“, рече за ММС, портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

МВР ќе преземе и дополнителни мерки и по целосно документирање на случајот во координација со Центарот за социјални работи ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како и пријава против родителот С.И. (39) од Велес поради негрижа за дете.

Ова не е прв случај во кој девојчето тепало врснички, но сега при обидот да се пресмета со девојките, наводно го користела и своето куче за да ги заплаши децата додека нејзините другарки снимаат и фаќаат сеир.

Дозаваме и дека родителите на едно од девојчињата кои учествуваат во тепачката на едно од видеата, извадиле лекарски извештај за повредите кои ги имало и правдата ќе ја бараат преку судските органи.

ММС побара одговор и од Центарот за социјални работи во Велес, но од таму не креваат телефон.



Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.