ММС

Објавено на: 04/21/21 9:07 AM

Мистеријата на кулата до железничката станица во Гостивар – што крие?

На железничката станица Гостивар застана уште еден воз. Тој како и илјадници други ќе помине покрај триесет метарската кула, која без поздрав дочекува и испраќа. Мишо Николоски живее во близина и често поминува покрај неа, но со страв. Секојдневно го гледа распаѓањето на објектот што некогаш бил гордост на железницата.

-Ризично е ова со чатијата. А, ако им паднат тоа гредите, Бога ми… Комшиите што се близу пријавуваа кога паѓаа ќерамидите и пред две години ги отстранија, ама ако падне она од чатијата нема да биде добро“ вели Мишо Николоски.

Зошто и од кога оваа градба е тука? За што служела? Прашањата сами се наметнуваат. Го запознав и Књазе Николоски,кој живее во близина на овој запустен објект. Веќе е во осмата деценија од животот и свежо памети дека до кулата застанувало малото вовче, популарниот „Ќиро“.

-Па јас памтам. Служеше за вода, за парните машини. Тогаш возот работеше на пареа. И оттогаш остана тоа така.  Оттука зема вода за машините. Ама како ја носеа до таму, не знам“ се потсетува Књазе Николоски.

За љубителите на историјата на железницата ја препорачуваме и фоторепортажата која автентично пренесува запис од период што останал зад нас. Тоа е времето кога со воз се патувало од Скопје до Охрид и многу градови и села во западниот дел од Македонија биле железнички поврзани.

Фото: penmorfa.com
Фото: penmorfa.com

Оваа висока кула всушност е резервоар за вода (водонапојник) и служел за снабдување со вода на парни машини. Се користела во периодот кога во сообраќај била парната локомотива. Такви или слични резервоари биле изградени во секоја поголема станица. Водостаницата останала во сопственост на Железници на РСМ – Инфраструктура (ЈП ЖРСМ Инфраструктура).

„Од достапните податоци кои ги имаме, објектот е изграден после Втората Светска војна, најверојатно со изградбата и пуштање во употреба на пругата Скопје-Гостивар околу 1952 година“, одговорија од ЈП ЖРСМ.

Според нивните податоци, објектот е изграден после Втората Светска војна, најверојатно со изградбата и пуштање во употреба на пругата Скопје-Гостивар околу 1952 година. Таа водостаница/водонапојник била и клучна постојка за бескпрекорно одвивање на железничкиот сообраќај од Скопје до Охрид.

Во употреба била до укинувањето на стариот воз и теснолиниската пруга.

Низ архивите има многу малку содржни, а во еден текст објавен на Македонска архитектура (МАРХ) стои:

„Во 1966 година е одржан референдум за укинување на „Комплексниот погон Гостивар“ и ликвидација на теснолејката. Последниот воз од Охрид кон Гостивар тргнал во мај 1966. Потоа пругата е демонтирана“. (Македонска архитектура (МАРХ).

 

Под жолтеникавата фасада која се рони, ѕиркаат тулите од кои е изградена. На врвот ѕвезда петокрака, како симбол на социјалистичкото време. Околу неа се шири лоша миризба.

-Е сега тука го направија да не речам, ќенеф. Тука фрла кој како ќе му текне. Па и тие од железница не оти дошле да видат. Па да стават ред и да речат, ова досега вака, отсега веќе не..“ вели Мишо Богданоски

Каков ќе биде исходот на овој објект покрај пругата, ќе реши ЈП ЖРСМ- Инфраструктура. Дали ќе биде преуреден во некоја корисна содржина, мал музеј или едноставно ќе го снема, не се знае, затоа што од таму велат се разгледува прашањето околу иднината на овој објект.

А, дотогаш водостаницата ќе ја разгорува љубопитноста на малкуте патниците во возовите, кои сигурно ќе се прашаат, Што е овој руиниран објект?

Текст и фотографија: Зоран Маџовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.