ММС

Објавено на: 04/22/21 6:59 PM

Живеам за денот да излезе од инкубатор и да го прегрнам – Симона Анчева со денови седи пред болница и копнее да го земе в раце своето бебе

Конечно да го земе своето бебе в прегратка и да го однесе во семејниот дом каде ќе го опсипе со прегратки и бакнежи. Ништо повеќе од ова не посакува скопјанката, Симона Анчева на која речиси цел месец ноќите и’ се непреспани. Нејзиното бебе Василиј кое е родено на 25-ти минатиот месец, е во инкубатор уште од самото раѓање.  Досега ниту таа ниту сопругот го имаат земено во раце, единствено може само да го погалат.

„Јас имав патолошка бременост и последниот месец-мсец ипол се’ беше во ред. Никогаш ништо не навестуваше дека би можело да имам предвремено раѓање. Одеднаш добив болки и јас всушност мислев дека ме болат бубрезите. Испадна дека тоа се породилни болки“, раскажува таа.

Синчето на Симона е родено предвреме, кога таа се’ уште била во 28-та недела од бременоста. Младата мајка се породила во приватна болница, каде лекувањето на Василиј чини повеќе од она што семејството може да си го дозволи. Префрлувањето на бебето на државната Детска клиника засега е ризично, па граѓаните веќе со недели се мобилизираат и преку својата хуманост придонесуваат за третманот на бебето кое нема друг избор, освен да биде борец. Колкава сума ќе треба да се плати, се’ уште точно не се знае. Претпоставките се дека неговото лекување може да чини и до 30 илјади евра, но останува неизвесно дали и каква терапија допрва ќе треба да има.

Василиј е роден со тежина од 1.320 грама и должина од 44 сантиметри без доволно развиени бели дробови, поради што е ставен на респираторна машина. Докторите констатирале и отворен диктус на неговото срценце, кој по дадената терапија успешно е затворен, но констатирано е и крварење во главчето кое е престанато и е во процесот на апсорбирање.

„Проблемот со срцето се реши, крварењето во главчето престана, па се надеваме дека нема да има никаков проблем“, вели Симона. Поради актуелната пандемија со ковид-19, таа и сопругот само на кратко може да влезат на одделот за неонатална интензивна нега и за миг да го допрат малиот борец.

„Тој го прифаќа моето млеко, се молзам по два-три пати во денот за да може да си пие мајчино млеко. Моето бебе е многу храбро, кога ќе ги отвори очињата јас се топам. Ми доаѓа да го извадам од инкубаторот и да го прегрнам, се надевам дека и тој ден ќе дојде“, раскажува Симона која ни сподели дека по цел ден седи пред болницата. Кога ќе добие позитивна вест, добива и сила за да касне нешто. Во спротивно вели, не сака ниту вода ниту леб.

„Неговата ситуација е комплицирана, може да оди два чекори напред, а три назад. Сепак, има извесно подобрување и докторите го гледаат како свое дете. Досега не сум го држела во раце, можам само да го галам, па се надевам дека баш поради тоа што е многу мал нема да има потреба потреба од хируршка интервенција“, додава мајката. Меѓутоа, таа се труди колку што може повеќе да се зближи со своето дете. За време на кратките посети му зборува, а како што вели, кога тој рефлексно ќе и’ се насмевне, целиот ден и’ станува поубав.

Симона го испланирала името на своето дете уште пред да забремени и сакала кога ќе се роди да се вика како нејзиниот татко Васко. Нејзиниот свекор пак, се вика Васил и коцките се наредиле така што бебето го има името и на двајцата дедовци. Во меѓувреме, Симона добива секојдневна поддршка од многу мајки кои се породиле предвреме и чии деца биле во иста ситуација. Ни раскажа дека тие дури и’ испраќаат фотографии од своите јуначиња за да и’ дадат надеж дека и нејзиното синче ќе порасне во здраво и големо момче.

„Јас се’ уште имам стравови, секој ден се плашам и мислам дека кога ќе го земам во раце и ќе си заминеме дома, сиот мој страв ќе исчезне. Целото семејство го чека со нетрпение, тој има дом каде ќе расте опкружен со многу љубов. Копнеам да го слушам неговиот џагор и да не’ усреќува цело време, да ги надоместиме овие денови во кои сме разделени“, вели низ насмевка оваа мајка полна со надеж.

„Бескрајно сум благодарна на сите доктори, на целиот медицински персонал воопшто за љубовта и грижата за мојот син, благодарна сум и за хуманоста на сите граѓани. Василиј сите ги сака! Поддршката ми е ветер во грб, независно дали е морална или финансиска. Доколку постои можност ќе се премести на Детската клиника, но засега останува во Систина“, нагласува мајката во чии молитви секој ден се споменува само едно име – Василиј.

Сите кои сакаат да донираат може да го сторат тоа на следните начини:

Стопанска Банка АД Битола 500600019060885 – Симона Анчева

За донации од странство

IBAN code:

МК07500080014048145

SWIFT: STBBMK22

Или преку порталот GoFundMe – ОВДЕ

Телефонски донации

Телеком  143-454

А1 143-471

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.