ММС

Објавено на: 04/20/21 2:22 PM

Глобалните емисии на јаглерод диоксид оваа година ќе го имаат вториот најголем пораст во историјата

Како ефект од закрепнувањето на економијата, се проценува дека глобалните емисии на јаглерод што потекнуваат од енергетскиот сектор оваа година ќе се зголемат за 1,5 милијарди тони, што ќе претставува второ најголемо зголемување во историјата, известува Агенција Анадолија (АА).

Според извештајот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) за Глобалната енергетска проценка за 2021 година, глобалните емисии оваа година ќе достигнат 33 милијарди тони, што претставува зголемување за 5%.

Оваа година, глобалните емисии на јаглерод ќе се зголемат за 1,5 милијарди тони, што претставува втор најголем пораст во историјата. Ова зголемување исто така ќе биде забележано како најголемо годишно зголемување на глобалните емисии од 2010 година досега.

Ова зголемување на емисиите ќе влијае сосема спротивно на најголемиот дел од рекордниот пад на емисиите на јаглерод од 6%, што беше забележан во 2020 година, поради новиот тип епидемија на коронавирусот (Ковид-19).

Се очекува предвидениот раст од 4,6 проценти во побарувачката на енергија како резултат на економското закрепнување, да влијае врз зголемената потрошувачка на јаглен и природен гас над нивото од 2019 година.

– Азија е причина за зголемената употреба на јаглен –

Додека глобалната побарувачка за јаглен се зголеми за 4,5% оваа година под влијание на земјите во развој, повеќе од 80% од овој раст ќе биде забележан во Азија, особено во Кина.

И покрај зголемувањето на употребата на јаглен во САД и Европа, побарувачката ќе остане под нивото од периодот пред настапувањето на епидемијата.

– Година на рекорди во производството на електрична енергија од обновливи извори –

Од друга страна, производството на електрична енергија од обновливи извори ќе се зголеми за 8% оваа година, што претставува повеќе од половина од растот на глобалното снабдување со електрична енергија.

Со зголемувањето на производството на електрична енергија од сончева енергија за 18% (145 терават-часови) и зголемувањето на производството на електрична енергија од ветер за 17 проценти (275 терават-часови) во споредба со 2020 година, ќе има најголемо зголемување во историјата на годишно ниво.

Оваа година, изворите на обновлива енергија ќе учествуваат со 30% во глобалното производство на електрична енергија, што претставува највисоко ниво од Индустриската револуција наваму.

Најголем пораст на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија е забележан во Кина, по која следуваат САД, Европската Унија и Индија.

– Ако не се намалат емисиите, нè очекува поголема криза во 2022 година –

Во својата проценка за извештајот, Фатих Бирол, претседателот на Меѓународната агенција за енергетика, изјави дека глобалните емисии на јаглерод ќе се зголемат за 1,5 милијарди тони оваа година поради зголемувањето на употребата на јаглен во секторот за производство на електрична енергија, и додаде: „Ова е шокантно и многу вознемирувачки. Од една страна владите кажуваат дека климатските промени им се приоритет, меѓутоа, забележуваме втор најголем раст на емисијата на јаглерод во историјата. Ова е навистина разочарувачко.“

Тој посочи дека станува збор за раст на емисијата како последица на желбата за брзо економско закрепнување по периодот на пандемијата на Ковид-19, истакнувајќи дека тоа е сè друго освен одржливо.

Предупредувајќи дека ќе има поголема криза во 2022 година доколку владите не започнат брзо да ги намалуваат глобалните емисии, претседателот на Меѓународната агенција за енергетика, Бирол, истакна: „Лидерскиот самит за клима, чиј домаќин оваа недела ќе биде американскиот претседател Џо Бајден, е критичен датум за донесување конкретни и брзи одлуки пред состанокот на страните на Обединетите нации за климатски промени (COP26).“


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.