ММС

Објавено на: 04/20/21 2:10 PM

(Видео) Крадците во Кочани „оперираат“ 24/7, помагајте за да не настрада некој, потоа ќе биде доцна, велат загрижено жителите на неколку населби

Во Кочани крадците работат како во драгстор, влегуваат по куќи и прават пустош 24/7, за нив не е важно дали е ден или ноќ. Ова го велат жители на Кочани кои се револтирани од зголемениот број кражби во нивниот град.

„Работата е дојдена до таму што се плашиме дека некој ќе настрада, а потоа  е доцна да се реагира, кога нечиј живот ќе заврши. Наезда на крадци има, па не се ни кријат. На газдите на домовите им е дојдено преку глава и само се плашиме да не убијат некого во таа нервоза. Минатиот пат соседите дома имаа смртен случај, а тие дојдоа да крадат. Има постари луѓе што се сами дома, децата им се на работа, па крадците го користат тој момент, од старите не се плашат. Завчера цела куќа ограбиле,  дури и креветите ги изнеле.  Навистина треба да се реши, за да нема страшни последици. Би сакале да апелираме на сите да се направи некоја акција, да се донира храна и се што треба, разбираме во ова време на пандемија каква е состојбата, само да не настане некој поголем проблем, велат загрижени кочанчани.

Кражбите во домовите и по дворовите на жителите од населбата Усова Чешма, а сега се префрлаат и по други населби и понатаму продолжуваат и граѓаните велат дека живеат во секојдневна неизвесност и страв од опасноста дали нивниот имот ќе им биде следна цел на крадците. Жителите кои ја контактираа нашата редакција велат дека крадците не бираат ден или ноќ, туку слободно си доаѓаат и прават што сакаат. Тие ни испратија снимки од пред неколку дена, на кои се гледа како уништуваат приватен имот.

-Снимките само потврдуваат дека ако порано крадците влегуваа ноќе, сега тие се толку осилени што безгрижно влегуваат сред бел ден. Се гледа како група од три-четворица возрасни мажи се обидува насилно да ја пробие заштитната ограда за да влезе во двор. Претходно, истите тие влегле во куќата што се наоѓа во близина и од неа ограбиле сè што било вредно. Не ги спречило и тоа што сопствениците на имотот, кои се постари луѓе, во моментот на кражбата биле дома, вели Тони Ајтовски од Кочани и додава:

-Еден ден претходно, најверојатно истата група била спречена, повикана е и полиција. Граѓаните реагираат што мерките што се преземаат за да се спречи ваквото однесување не даваат видлив резултат. Напнатоста е сè поголема и велат дека со ваквиот развој на настаните, прашање на време е кога ќе се случи посериозен инцидент со трагични последици. Нагласуваат дека веќе не се работи само за ограбувањето на имотот, туку и за личната безбедност, со оглед што крадците не се плашат да „оперираат“, па дури и физички да го нападнат сопственикот ако го затекнат дома, вели тој.

Жителите се гневни што полициските мерки не даваат резултати, па јавно прашуваат, дали треба да почнат да применуваат поригорозни мерки за лична заштита, по што целата ситуација може да излезе надвор од контрола.

-Загриженоста е оправдана, затоа што ако до скоро се зборуваше само за кражби во Трајаново Трло, Усова Чешма и другите маала во близина, сега шетаат и во другите населби во градот. Спречувањето на овој тренд мора да биде приоритет за надлежните органи и институции, за потоа да не биде предоцна, вели Ајтовски.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.