ММС

Објавено на: 04/20/21 1:14 PM

Македонците на ревакцина во Србија, а Србите ослободени од патарина ова лето – Средба на Филипче со Лончар во Белград

Сите македонски граѓани кои се вакцинирале против Ковид-19 во Србија, ќе можат да ја добијат и втората доза во Србија, на истото место каде што ја примиле и првата доза, соопшти српскиот министер за здравство, Златибор Лончар на прес-конференцијата во Белград со министерот Венко Филипче кој е во посета на Институтот Торлак.

“Врз основа на евиденцијата која ја имаме, можеме да договориме тие дози да и ги отстапиме на Македонија и таму да се организира вакцинирањето на оние граѓани кои ја примија првата доза во Србија. Има нешто помалку од 12 недели да го договориме тоа, но сепак останува можноста тие да ја добијат и втората доза во Србија“, истакна Лончар и упати апел до македонските државјани што немаат регулирано престој во Србија, да не доаѓаат без закажан термин на пунктовите за вакцинација.

Министерот за здравство, Венко Филипче потврди дека во знак на благодарност за донираните вакцини, ова лето од 15 јуни од 15 август српските граѓани нема да плаќаат патарини на патиштата низ Македонија.

Филипче и Лончар денеска во Белград договорија стратешко партнерство за иднините набавки од Институтот Торлак кој ќе произведува вакцини против Ковид.

Сметам дека производствениот капацитет ќе биде сосема доволен, за првиот следен момент кога ќе бидат потребни вакцини, да ги обезбедиме од институтот „Торлак“. На тој начин, согласно тоа како ќе се одвива пандемијата и препораките за вакцинација и дали евентуално ќе треба и трета доза или можеби оваа вакцина ќе стане сезонска, да обезбедиме еден стабилен и сигурен извор од каде можеме да добиеме вакцина, изјави Филипче.

Во однос на тоа дали ваквиот стратешки договор, ќе ги наруши односите со другите производители, Филипче рече дека во овој момент веќе имаме нарачано доволна количина вакцини од повеќе производители, кои се доволни за да се постигне саканиот процент на имунизација на населението.

– Тоа значи дека за секој следен чекор или секоја следна набавка, која треба да ја направиме, прво место на кое ќе се обратиме, а согласно капацитетите за производство, нашите потреби целосно ќе бидат задоволени, ќе биде институтот „Торлак“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.