ММС

Објавено на: 04/27/21 7:05 PM

Не сакам да живеам со тој отров и немир во себе – Борбата на Мартин Јованоски со анксиозноста преточена во книга

Анксиозноста е болест на современиот начин на живеење, напорен и стресен. Оваа современа болест не го одминала Мартин Јовановски од Скопје,  кој  за ММС ја раскажа личната борба со анксиозноста, од која вели дека може да се спасиме доколку  целосно ги смениме навиките. Мартин вели дека никој не треба да очекува победа, додека проблемот го крие под тепих, а тоа е она што вистински јаде и исцрпува. Тој раскажа и за непријатностите, кои ги имал со анксиозноста, но на крајот е среќен што покрај него има вистински пријатели кои не му ја пуштаат раката додека трае борбата. Неговиот трофеј, додава тој,  во оваа борба е неговата книга „Зошто јас?“,  која станува се попопуларна, а  Мартин е среќен што ова негово дело кружи од рака во рака.

Анксиозноста веќе не е непозната кај нас, сe’ почеста е меѓу младите. Како сфати дека нешто не е во ред?

-Да, се’ повеќе е присутна, за жал истиот тренд ќе продолжи, барем додека драстично не ги промениме навиките, сфаќањата и начинот на живот во ова чудно време денес. Притисокот во денешницава е голем за сите нас, сите сме исти, затоа и анксиозноста не признава возраст, пол, религија, ниту социјален статус. Во мојот случај, одамна сфатив дека нешто не е како што треба, тој немир и страв од иднината и тоа што таа го носи, не можев да го игнорирам. Меѓутоа, проблем беше признавањето кон самиот себе и особено пред околината, пред светот надвор. Ми требаа години, ми требаше спуштен гард и дозвола од самиот себе за крик за помош, за конечно да променам нешто кај себе.Вистински да променам нешто кај себе.

Колку долго анксиозноста тлее во нас без да бидеме свесни што ни се случува?

-Ахх, нема правило. Месеци, години, некогаш и еден живот не е доволен. До нас е, само до нас е. Познавам многу луѓе кои одамна се откажаа од борбата, едноставно ја прифатија реалноста – сурова и нефер ! Некои научија да живеат со тој отров, со тој немир во себе. Едноставно се уморија!  Меѓутоа, сите, апсолутно сите добиваат шанси да се соочат со себе и со она што анксиозноста уморно сака да им го каже. Таа зборува, без престан зборува. Наше е да застанеме, да издишеме, конечно да ја чуеме пораката и да застанаме позади себе, своите желби, своите потреби.

Борбата сам со себе е најтешката борба која на човек  може да му се случи. Како успeа ти да се победиш?

-Да, дефинитивно најтешката борба. Без конкуренција!  Кој почувствувал-знае! Таа е крвава борба, скоро секогаш е бесцелна. Терање инает самиот на себе. И не носи победа, не може на крајот да донесе победа! Скоро се победив себеси неколкупати, меѓутоа, ниеднаш не бев исполнет и среќен. Едноставно, не победуваш ако го скриеш под тепих она што вистински те јаде и те исцрпува. Потребни се промени, големи промени во секојдневието. И тоа е единствениот начин борбата да престане! Тогаш и само тогаш можеме да се наречеме победници! Тоа го правев и ќе продолжам да го правам. Ќе трае уште, меѓутоа, мислам дека сега ја научив лекцијата, мислам дека сега сум подготвен!

Колку општеството знае да придонесе да се зголеми анксиозноста кај човекот, како околината влијаеше кај тебе додека се бореше со оваа модерна болест?

 –Ретко кој знаеше како правилно да пријде, ретко кој можеше вистински да промени нешто. Тоа и е проблемот кај анксиозноста како состојба. Комплексна е. Честопати е скоро и невозможно да се забележи иако некому  анксиозноста е најверна пријателка со години. Ова денешно општество, начинот на живот, брзината и стресот, себичноста и зависта кај луѓето, се’ тоа е идеален терен за депресијата и анксиозноста заедно со паничните напади. Се споредуваме, ништо не ни е доволно, сакаме многу, премногу, уште и уште. Тотално непотребни работи.  Ама ги сакаме, сакаме да сме во тренд, да сме исти со оние од околината, оние од социјалните мрежи на интернет!  Лоши сме. Строги сме. Се казнуваме себеси, бараме чуда од себе ! А тоа е лошо, многу лошо, бидејќи на крајот ние секогаш сме камшикуваните, а никој освен нас не го држи камшикот во рака !

 Има луѓе кои не сакаат да ја признаат оваа ситуација, дали на почетокот кога ја дозна состојбата се уплаши или се посрамоти од самиот себе си. Дали веднаш ти помина прашањето – „Како ќе им го кажам ова на пријателите, партнерката, семејството“?

 -Уфф да. Се исплашив, па одбивав да верувам дека сум различен од повеќето, па бев исполнет со бес, па дури потоа споделив со околината. Фази се тоа. Сега знам. Сведок сум кај повеќето. Скоро секогаш оди по истиот редослед. А околината?  Често ќе осуди, ќе шепка, ќе покажува со прст. Такви сме како луѓе, полесно ни е да ѕиркаме отстрана, отколку да пријдеме некому и да подадеме рака.  Меѓутоа, има сеуште луѓе. Останаа луѓе на светов кои чувствуваат и знаат како е да паднеш. Има луѓе кои ќе те сослушаат и нема да те осудат. А некогаш само тоа и е потребно. Некогаш искрено подадената рака е лек, искрено подадената рака е најголемиот дел од решението на загатката!

 Дали си имал некој напад пред пријателите, и дали  те прашувале:  „Пак ли не ти е добро?“ , „Ајде ништо не е  ќе помине“, „ Не глуми“… Како се чувствуваше тогаш?

 –Да. Баш првиот силен паничен напад го доживеав пред пријателите. Онака, од никаде, тотално неочекувано. Без најава, ме тресна од земја. Им го видов стравот на нивните ликови, стравот од непознатото. Најверојатно тогаш ме сфатија посериозно и поверуваа во она што претходно долго се обидував да им го објаснам. А коментари имало и ќе има. Повеќето добронамерни секако, за тоа сум многу благодарен. А оние другите – тие се неважни, тие луѓе и јас искрено ги сожалувам и ги додавам на списокот на апсолутно неважни работи во овој живот.

Многу луѓе се во ваква ситуација, има луѓе кои мислат дека никогаш нема да излезат од оваа анксиозност, па стравовите место да се намалат се зголемуваат, дури и се плашат да излезат од конфорната зона. Што им препорачуваш  на овие луѓе од свое искуство?

-Ќе им порачам да размислат уште еднаш. Одново, од почеток. Анксиозноста не е демон, иако често изгледа така. Анксиозноста носи порака, со причина е дел од нас, со причина се појавила. Таа бара промени, коренити промени во начинот на живеење, начинот на кој се гледаме себеси, степенот до кој им дозволуваме на другите да ни го нарушат мирот. Анксиозноста бара од нас секогаш да се ставаме на прво место и да се грижиме за себе. Таа бара многу работи, многу промени, меѓутоа, во едно сум сигурен. Се’ тоа, секоја промена е за наше добро, за сопствениот мир и среќа.

Дали конечно можеш да кажеш дека ја победи анксиозноста?

-Уфф не. Далеку од тоа. Не сакам да ја победам анксиозноста, не сакам да се поразам себеси.  Ја сакам ваква каква што е сега. Моја пријателка, моја грижлива пријателка. Ја сакам како свој коректив, како свое шесто сетило. Ја сфатив пораката, се променив. Ситни корекции за повеќето, скоро незабележителни. Меѓутоа, за мене нов правец, еден цел нов свет таму надвор. Сега имам среќни мигови самиот со себе, сега сум благодарен со малку. Сега е се’ полесно. Не очекувам многу. Фантазијата си работи, оној убавиот дел од неа. Надежта за подобро утре е тука, цело време е во мене. Сега тоа чудо е најсилно, сега ништо не го сопира.

Дали книгата „Зошто јас? “ што ја напиша е трофејот од борбата со себе?

 -Ахх. ”Зошто јас?” е мојата гордост, не би стигнал да кажам што се’ за мене претставува. Таму се моите искушенија, моите борби, моите порази, моите победи…  Не ја напишав за да станам славен, не ја напишав за некому да солам памет. Потребна беше, исклучително потребна во ова време денес. Прво за мене, а потоа и за останатите. И среќен сум што функционира онака како што првично го замислив. Врти меѓу народот. Завршува онаму каде е најпотребна. Преку неа зборувам, преку неа го пренесувам се’ она што го научив на потешкиот начин. И тоа некому вреди злато. За некого значи спас и мир самиот со себе. Можеби не се многумина, ама и еден да е-вреди. Многу работи во животов пропуштив, водејќи своја борба. Меѓутоа, се’ додека “Зошто јас?” кружи од рака во рака, не се каам. За ништо од тоа не се каам. Напротив, горд сум. Горд и среќен.

Весна Петровска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.