ММС

Објавено на: 04/20/21 9:56 AM

Медикаментозниот абортус достапен на Клиниката за гинекологија и акушерство

Алтернативната метода за прекин на бременоста, медикаментозниот абортус (абортус со лекови) од денеска како услуга е достапен на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, соопштија од Aсоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА.

Сепак, посочуваат, недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сѐ уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја,

Станува збор за проект кој на почетокот на годината, ХЕРА и Клиниката почнаа да го спроведуваат со цел да се подобрат капацитетите на јавното здравство за обезбедување на оваа здравствена услуга.

-Заради својата едноставност и безбедност по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сѐ почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80 отсто од абортусите во земјите во ЕУ. Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на Ковид-19, посочуваат од ХЕРА.

Во рамките на проектот, со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, како што се истакнува, се реновира и опреми просторија на Клиниката, што ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. Испечатени се информативни брошури за пациентките и спроведена е обука на медицинскиот кадар кој ќе им ја обезбедува услугата медикаментозен абортус на сите жени кои ќе ја одберат оваа опција. На ваков начин, Клиниката ќе воспостави модел на давање услуги за медикаментозен абортус, кој во иднина би можел да се реплицира и во другите државни болници.

-Инаку, соработката меѓу Клиниката и ХЕРА доаѓа по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус (30 декември 2020 година) кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација. Дополнително, во рамките на превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбеди буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за Клиниката за гинекологија и акушерство, стои во соопштението.

 

 

MИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.