ММС

Објавено на: 04/21/21 7:00 PM

Жената секогаш треба да биде средена – Со Стојна Костовска за улогите низ животот

Пензија и роденден во ист ден неодамна прослави актерката Стојна Костовска, чиј знак за распознавање е ведрината. Таа е секогаш насмеана и позитивна, не само во „Хихириху“, во чија екипа беше дел цели 27 години, туку и приватно. Секогаш е стокмена, како што и приличина на жената да биде, особено со средена фризура. Децении е во брак со Зоки, со кого работите не ги делат на машки и женски. Сега кога е во пензија, кога има време за се, таа за ММС сподели неколку сегменти од нејзиниот секојдневен живот, а се присети и на времето додека активно работеше.

Како ги замислувате вашите пензионерски денови, што е она на што најмногу ќе обрнете внимание сега кога целото време е ваше?

-Веќе почнав да ги живеам пензионерските денови. Со оглед на периодот на короната, уметниците паузиравме со работа, па малку навикнав без работа, но тешко ми падна. Откако го добив решението тогаш навистина сфатив дека сцената веќе не е моја, аплаузите ги нема, костимите ми недостасуваат, се разбира и колегите. За среќа јас сум добар организатор и времето ќе ми биде исполнето со домашни обврски, дружба како и секогаш со семејството, имам време за читање книги, списанија, разговори со колешките (телефонски). Готвам секој ден, сукам превкусни пити (треба да ги пробате).

Кога си го враќате филмот назад, дали сте задоволни од она што го постигнавте во кариерата, или можеби секогаш може да се направи нешто повеќе?

-Задоволна сум со тоа што сум го постигнала со моите 40 години работен стаж, но секако можело и повеќе.

Која улога според вас ќе ви остане запаметена, во која се пронајдовте најмногу?

-На сцена секогаш играв дами кои се скоцкани „Народен пратеник“ од Нушиќ и „Бог“ од Види Ален.

Одсекогаш сте биле препознатлива по вашата секогаш убаво средена фризура, колку време посветувате на нега на косата, но и на вас бидејќи секогаш сте важеле за убава жена?

-Генот е важен кај човекот, но жена секогаш треба да биде чиста во секоја смисла на зборот, негувана, средена, да има свој стил, движење облекување, однесување со соговорникот, на прво место со домашните, а потоа и со околината.

Дали пензијата за вас значи страв од старост или време посветено само на своите желби и желбите на семејството, се разбира?

-Да, имам време за семејството, ги исполнувам нивните желби во врска со храна. Невреме е за одмор надвор од градов а тоа тешко ми паѓа.

За големата љубов со вашиот сопруг секогаш се раскажува. Сега кога и двајцата сте во пензија, на што планирате да го трошите слободното време?

-Со сопругот сме нон стоп заедно, одиме на прошетка, на пазарење, разговараме, правиме планови за животот заедно, го одржуваме домот, обврските не ги делиме на машки и на женски.

После децении брак со Зоки може ли да ни кажете која е рецептата на успехот. Постои ли такво нешто?

-За успешен брак нема рецепт, разбирање, љубов, доверба и многу многу разговор за сите проблеми во животот. Суша, дупка, река со чиста вода, дрво, цвеќе, цвет – ова како симболика на животот. И се нижат годините ќе видиме до кога.

Неодамна влеговте во пензија, а ви беше и роденден, што си посакавте пред да ги дувнете свеќите?

-Роденден, пензија во еден ден. Да, за жал само домашните ништо посебно. Чекам да помине ова невреме, па да се собереме поголемо друштво во двор.

Покрај многуте улоги ќе останете запаметена и како дел од екипата на Хихириху. Колку во ова време на пандемија ни недостасува хуморот?

-Хихирику – моја гордост, задоволство, успех, радост и тага, 27 години снимања секоја среда и петок, страшно ми недостасува како емисија која Господинот Карадак беше немилосрден за се што се случуваше во земјава. Ми недостасуваат Дади, Унџел, Карадак, Ванчо… Солзи искрени.

Подготвена ли сте да ја играте улогата на баба и да чувате внучиња?

-Уф, уф ахаха, колку сакам да станам баба од син ми, куп деца да ја исполнат оваа голема куќа и душата моја. Чекам и не губам надеж.

Моника Пејоска Насковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.