ММС

Објавено на: 04/21/21 10:00 AM

Со вежби се надминува преживеаниот шок и борбата за кислород – Со физиотерапевтката Ивана Најдовска Мазза за респираторната гимнастика

Улогата на физиотерапевтите е многу значајна како дел од здравствениот тим кој се справува со коронавирусот од самиот почеток. Кај хоспитализираните пациенти се применуваат посебни програми на кардио – респираторна рехабилитација, но и посебни вежби за превенција на мускулна слабост. Исто така, физиотерапевтите се занимаваат со поддршка, помош и значајни совети за пациентите кои се на домашно лекување – истакнува за Македонски медиа сервис, физиотерапевтката Ивана Најдовска Мазза.

Како физиотерапевтите им помагаат на пациентите во опоравувањето од ковид-19, какви проблеми може да предизвика вирусот и од што зависи терапијата се само дел од прашањата на кои за читателите на ММС, одговара оваа Македонка која живее и работи во Италија. Таа илустрира и како изгледаат вежбите од таканаречената респираторна гимнастика која станува се’ попопуларна кај оние кои имаат проблем со дишењето.

Дали оваа актуелна пандемија ги исправи физиотерапевтите пред нови професионални услови?  Ковид-19 несомнено ни ги промени животите на сите, па дали и физиотерапевтите мораа да ги надоградат своите досегашни познавања или вештини, за да може да се прилагодат на новонастаната ситуација?

− Да, актуелната пандемија не’ стави сите нас како здравствени работници на тест на издржливост и умешност за изведување на различни мануелни техники кои му ја олеснуваат на пациентот и така тешката здравствена состојба. Јас и моите колеги од Здружението на физиотерапевти во Италија имавме посебни обуки за вирусот и за тоа како да се справиме со секоја новонастаната и непредвидлива ситуација.

Какви последици остава коронавирусот кај пациентите од физички аспект, дали се тоа најчесто проблеми со дишењето, замор, малаксаност, па дури и атрофија на мускулите ако знаеме дека заразените луѓе се во изолација, односно со исклучително ограничено движење?

− Токму така. Пациентите имаат често мускулна слабост, особено доколку се работи за пациент кој бил физички неактивен пред заразата со вирусот. Покрај набројаните симптоми, пациентите многу често се жалат и на анксиозност и депресија како последица на преживеаниот шок и борбата за кислород.

Како што зема замав пандемијата, се’ поактуелна е таканаречената респираторна гимнастика. Што подразбира таа, кај кои пациенти ја применувате?  Какви вежби се прават со цел да се подобри дишењето?

− Респираторната гимнастика е од големо значење. Може да се изведува во лежечка, седечка, стоечка положба, како респираторни вежби без помошни средства или со нив. За пациентите кои развиле лесна бронхо – пневмонија од особено значење се вежбите кои се прикажани во прилог. Ја враќаат респираторната моќ и го подобруваат тонусот на мускулатурата. Прикажани се во три положби и најважно од се’ е при изведување на движењето, кое ја прикажува сликата означена со бројот 2, да се вдиши на нос, а при враќање во првобитната положба која е означена со бројот 3, да се издиши преку уста.

На што најчесто се жалат Вашите пациенти со кои работите во Рим, а кои веќе го прележале коронавирусот? Какви совети бараат?

− Најчесто пациентите се жалат на перзистентна градна болка, болки по екстремитетите, мускулна слабост која трае и по неколку месеци по прележаниот вирус. Најчестите совети се наменети за тоа кои вежби да ги применат за брзо враќање на мускулната сила и нашата задача како физиотерапевти е да изготвиме посебен програм на разновидни вежби кои со сигурност ќе го задржат вниманието на пациентот и нема да станат здодевни. Омилени ми се видео – повиците со моите пациенти, покрај тоа што гледам дали ги прават правилно и колку напредуваат, ја чувствувам нивната заинтересираност за вежбите и таа емоција е незаменлива.

Од што зависат терапиите? Дали тука игра улога нивната телесна тежина, нивната претходна физичка активност, дали има влијание некој евентуален комобидитет што го имаат и слично?

− Програмот со мануелни техники и вежби се изготвува посебно за секој пациент и за самиот тој најголемо влијание има општата здравствена состојба, дали вирусот предизвикал лесна или потешка бронхо −  пневмонија, останати патологии. Клучна улога има физичката активност на пациентот. Програмот е комплетно различен кај активен пациент за разлика од тој што води седентарен начин на живот, кај овие личности и најлесните вежби се комплицирани.

Како се одлучува што и на кој пациент ќе се примени? Дали самостојно одлучувате за тоа или можеби се координирате со колегите со кои работите?

− Во Италија физиотерапевтите имаат сопствени ординации и огромно знаење. Соработката со ортопедите и физијатрите е од големо значење и се одвива во максимална хармонија. Пристапот е секогаш тимски, но со можност за самостојно искажување на сопственото знаење и валутација на пациентот која тука ја прави само физиотерапевтот.

Влијанието на вирусот, јасно е дека се разликува од еден до друг пациент, па така и со опоравувањето. Сепак, каква е генералната слика – колку терапии вообичаено се потребни за да се надминат проблемите за кои луѓето се обратиле кај Вас како физиотерапевт и дали освен вежби се користат и некои апарати со струја, машини и слично? Односно, колку време одзема опоравувањето?

− Опоравувањето е временски различно кај секој пациент, зависно од претходно наведените причини, но вообичаено се потребни најмалку 10 третмани за да се видат првите значајни резултати. Потоа пациентите продолжуваат со активно следење на нивната здравствена состојба и додатни совети и нови вежби кои се применуваат во следната фаза. Ретко се прават терапии со струја, најчесто третманот се заснова на посебни мануелни техники, вежби и посебни уреди за респираторна рехабилитација.

Кои се советите што би им ги дале на луѓето во домашна изолација? Дали и што може да направат за да имаат соодветна физичка кондиција, додека се во своите домови поради позитивен тест на корона?

− Најважно е да се посветат на подобрување на нивната здравствена состојба. Консултација со стручни физијатар и физиотерапевт за респираторна рехабилитација и навремено применување на соодветните вежби. Редовна комуникација со физиотерапевтот за збогатување на третманот со нови вежби кои покрај за респираторна рехабилитација, ќе бидат соодветно препорачани и останати вежби за целото тело.

Каква е свеста кај Италијанците за важноста на работата на физиотерапевтите, дали може да направите некоја паралела со граѓаните во Македонија? Дали таму се посетуваат „местачи“, „киропрактичари“ и сличо и дали тоа носи некаков ризик?

− Има разлика, затоа што тука не постојат самоедуцирани местачи. Има дипломирани физиотерапевти и остеопати кои учеле со години за да ги применуваат тие „местења” од медицината и остеопатијата. Има можност за постојано надоградување на знаењето, врвни едукации и секогаш нови курсеви и методи кои се светски признаени. Впрочем, за да се работи и во било кое приватно студио за физикална терапија секогаш се бараат додатни едукации кои мора да се поседуваат. Постои посебен програм онлајн кој по внесување на име и презиме на физиотерапевтот покажува дали физиотерапевтот е навистина физиотерапевт, во кој град живее и дали е регуларно запишан во Здружението на физиотерапевти на ниво на земјата.

 

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.