ММС

Објавено на: 04/19/21 2:50 PM

Треба да бидеме семејство и да дишеме како еден – Драган Бајиќ промовиран за селектор на кошаркарската репрезентација

Кошаркарската Федерација официјално го промовира новиот селектор на машката сениорска репрезентација кој е актуелен тренер на кошаркарскиот клуб Игокеа. Бајиќ ја презема селекторската палка од Александар Тодоров со кого нашите сениори се надигруваа во квалификациите за Евробаскет 2022.

„Огромна благодарност и до челниците на Федерацијата за довербата да бидам на оваа функција. За секој тренер е чест да се биде селектор на една репрезентација, а јас ја имам честа да станам селектор на Македонија. Мило ми е што луѓе како Антиќ и Гечевски кои како играчи имале врвни тренери, одлучија да ме изберат мене за нов селектор“, беа првите зборови на Бајиќ.

Првиот официјален предизвик за новиот селектор се втората рунда од претквалификациите за Светското Првенство 2023, закажани за претстојниот месец август.

„Имам доста голема енергија и желба да направиме добра работа заедно. Би сакал да останам десет години. Рано е да се зборува за детали, но сите играчи ќе добијат шанса да играат и ќе се обидеме од секој да го извлечеме најдоброто и да бидеме најдобри што можеме. Како тренер барам да бидеме како семејство и да дишеме како еден, бидејќи само тоа е патот кон успехот“, истакна Бајиќ кој ќе биде 15. Селектор во историјата на македонската сениорска репрезентација.

Пред него, националниот тим го водеа: Александар Књазев, Стерија Андоновски, Благоја Георгиевски Буштур, ЛАзар Лечиќ, Заре Марковски, Марин Докузовски ( во два наврати), Јорданчо Давитков (во два наврати), Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Ѓикиќ, Марјан Србиновски, Драган Раца и Александар Тодоров.

Спортскиот директор на нашата федерација, Тодор Гечевски изрази задоволство поради постигнатиот договор со еден од најуспешните тренери на просторите на поранешна Југославија последните години.

Драган Бајиќ ќе ја води репрезентацијата во следните четири години, а постои можност соработката да биде проширена и потоа.

„Договорот е постигнат пред околу две недели, на обострано задоволство. Сметаме дека Бајиќ е вистински избор за селектор, со оглед на неговото знаење и искуство. Сакаме да направиме сериозна репрезентација, а планираме соработка на долг период. Му посакуваме добредојде и многу успех во работата“ – рече Гечевски на денешната промоција.

извор и фото: КФСМ

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.