Чеферин: Не знаевме дека имаме „змии“ околу нас, УЕФА нема да им дозволи на играчите кои ќе играат во Супер Лигата да настапат на Европско и Светско - ММС
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 04/19/21 3:07 PM

Чеферин: Не знаевме дека имаме „змии“ околу нас, УЕФА нема да им дозволи на играчите кои ќе играат во Супер Лигата да настапат на Европско и Светско

Европската куќа на фудбалот го возвраќа ударот. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, изјави дека фудбалерите кои ќе настапуваат во новата Супер Лига, нема да имаат право да играат на Европските и Светските првенства, односно ќе бидат елиминирани од националните репрезентации и собири.

Тој додаде дека УЕФА е строго против т.н бесмислен проект и упати жестоки критики кон протагонистите на овој концепт нарекувајќи ги „змии“ и лажливци.

-Сите заедно сме против оваа бесмислица, овој бесмислен проект. Играчите кои ќе земат учество во оваа лига, ќе бидат лишени од можноста да заиграат на Светско или Европско првенство. Ние не знаевме дека имаме „змии“ во наша близина, сега сме свесни, сега знаеме добро, изјави Словенецот на чело на Европската куќа на фудбалот.

Чеферин истакна дека санцкии за сите големи европски клубови допрва ќе следуваат, а заканите и играта на моќ кои ги приредуваат раководните лица на „елитата“ нема да поминат лесно.

-Таканаречените големи клубови, не биле големи отсекогаш. Јувентус беше во Сериа Б, Манчестер Јунајтед пред Алекс Фергусон не ни знам каде се наоѓаше. Следуваат санкции, следејќи ги законите и прописите. Јас немам видено личност што лаже толку многу и тоа константно, како Андреа Ањели. Зборував со него во саботата и тоа што го кажа очигледно беше уште една лага. Алчноста ги уништува сите човечки вредности, вели Чеферин.

Од УЕФА ја разгледуваат и можноста во актуелната сезона 2020/21, екипите кои ја основаа Супер Лигата да бидат елиминирани од натпреварувањата во Лигата на шампионите и Европа Лига. Што би значело дека ПСЖ ќе биде новиот европски првак, а Виљареал и Рома ќе играат во финалето на второто по квалитет европско клупско натпреварување. Сепак, дури и да се случи тоа, додава Чеферин, не мора да значи дека тие ќе добијат доживотна забрана од натпреварувањата под капа на УЕФА.

 

 

Фото:

Tвитер


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7