ММС

Објавено на: 04/19/21 2:36 PM

„Да не мислите дека на дневна основа раѓам пратеници за да ги надополнам тие што се болни“, рече Џафери и потенцира дека вчерашното присуство на пратениците во скафандери е според протокол

„Да не мислите дека на дневна основа раѓам пратеници па да ги надополнам тие што се болни. Кажав и ќе повторам, да не мислите дека своеглаво јас решив да го применам Деловникот, односно поротоколот. Направив милион консултации со надлежни институции. Собранието не можеше да работи затоа што пратеници се инфицирани, а опозицијата не сакаше да работи. Кога оваа состојба ги премина сите граници и кога почна да се условува кога и што да правам, јас решив да ги искористам сите дозволиви инструменти, вклучително и измената на протоколот“, рече Џафери одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција и потенцира дека двајцата пратеници не претставувале никаква закана по другите пратеници, затоа што на никаков начин немале контакт со нив.

Тој вели дека не е од оние што „на полнок им текнува, па од полнок спроведуваат“, туку дека планирал и спроведувал одлуки за да обезбеди функционалност на институцијата која и припаѓа на граѓаните. Особено потенцира за донесување на пакетот мерки за помош на граѓаните и стопанството.

Пратениците кои се заразени со ковид биле донесени во посебни простории и според посебен протокол, а како што рече Џафери двете седници не траеле подолго од еден час.

„Опозициските пратеници откако дознаа за тоа од медиумите, покажаа спремност за учество на седниците“, рече претседателот на Собранието.

Протоколот за спроведување на позитивни пратеници во Собранието за гласање бил започнат уште на 30 јуни 2020 година. Џафери на 17 ноември поднесол дополнување на протоколот до надлежните институции, а одговор од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести добил утредента. Во одговорот биле опишани како лицата кои се позитивни, а се лекуваат во домашни услови можат да се внесат во Собранието.

Џафери потсети дека обврска на секој пратеник кој прима плата е да биде присутен при работа, расправа и при одлучување во Собранието.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.