ММС

Објавено на: 04/20/21 10:00 AM

Бевме на немирно море, но со вакцинацијата се гледа пристаништето: Д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија со опстимистички прогнози за текот на пандемијата

Нема пречка за вакцинација против ковид-19 кај онколошките пациенти. Вакцината за нив апсолутно се советува и тоа е така во светски рамки, а за тоа говорат и препораките од Националната сеопфатна мрежа за канцер при Соединетите американски држави (NCCN). Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува директорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија, д-р Нино Васев. Со него разговараме за имунизацијата кај граѓаните со малигнинет, имајќи предвид дека се дел од ризичната група во актуелната пандемија со коронавирусот.

„Не можам да кажам дека треба да се претпочита одредена вакцина, сега гледаме дека има борби меѓу компаниите. Сметам дека вакцината на АстраЗенека е безбедна како и сите останати. Може да поминат 3-4 дена по хемотерапијата. Единствено не се советува вакцинација непосредно пред операција. Значи ако се прави некаков хируршки зафат, вакцината треба да се прима минимум седум дена подоцна. Нормално никој не треба да се вакцинира на денот на операцијата, или пак истиот ден кога примал хемотерапија или имунотерапија, но може да почека да поминат неколку дена и слободно да го стори тоа“, вели д-р Васев.

Го прашавме како ги коментира информациите кои се појавија во одредени медиуми за тоа дека вакцините би можеле да предизвикаат поголеми несакани реакции кај луѓето со силиконски импланти, со оглед на тоа дека вакви импланти се користат и за реконструкција кај пациентките со рак на дојка. Д-р Нино оценува дека станува збор за дезинформации и советува оние кои се оперирани од карцином на дојка, вакцината да не ја примат на оперираната страна од телото, туку на другата. Со оглед дека во јавноста се појави дилема дали треба да се вакцинираат младите жени кои допрва планираат да родат дете, тој смета дека нема пречка и кај нив за да се имунизираат на овој начин.

„Стравот си го прави своето, но досега нема препораки според кои се забранува вакцинација за жените кои допрва треба да раѓаат. Нема такви податоци“, нагласува онкологот во интервјуто.

Во однос на тоа како сега функционира Клиниката за онколгија, објаснува дека од почетокот на пандемијата оваа установа функционира согласно препораките од Министерството за здравство.

„Ние функционираме со дистанца, со маски, со ракавици. Досега само мал дел од нашите пациенти се имаат заразено со коронавирусот, но сите добро поминуваат, не сме имале проблематичен пациент. Пациентите не’ известуваат доколку добијат позитивен тест, но ние сме онколози и не лекуваме од ковид-19. Тоа го оставаме на протоколот на соодветните институции. Значи теоретски гледано пациентите со малигни заболувања се вбројуваат во ризичната група, но во пракса се покажува дека не секогаш е така. Нашите пациенти кои беа позитивни, сега си се живи и здрави“, потенцира д-р Васев.

Тој објаснува дека доколку на Клиниката дојде пациент во тешка состојба и мора итно да биде хоспитализиран, се сместува во посебна просторија или таканаречена „соба изолатор“.

„Нормално дека нема пациентот да го вратиме, никого не сме вратиле. Доколку некој треба да лежи во болница ние го тестираме. Кога ќе добиеме резултат ако е позитивен се пренесува до некоја од посоодветните институции каде се третираат заболени со ковид-19“,  истакнува директорот на УКРО –  Скопје.

Го прашавме дали и тој самиот се вакцинирал, на што одговара дека не само тој, туку се вакцинирале и дел од неговите колеги.

Васев упатува апел до сите пациенти да не стравуваат и да не ги одложуваат превентивните прегледи, односно да се јавуваат во договорените термини. Конкретно, оние со карцином на дојка да не ги одложуваат прегледите со ехо и мамографиите. На овој начин, вели докторот, кај оние со одредена симптоматологија ќе се овозможи откривање на евентуалната болест во што поран стадиум.

Тој потсетува и дека таблетарната и субкутаната терапија континуирано се дистрибуираат до пациентите од внатрешноста, за да не мора да доаѓаат во Скопје.

Во однос на неговите очекувања за понатамошниот тек на пандемијата,вели дека треба да издржиме уште малку.

„Целиот свет беше на немирно море, но сега се гледа пристаништитето. Вакцинацијата си дава резултат, да не очајуваме. Се гледа копното, да издржиме со мерките“, додава онкологот.

„Цел свет чекаше вакцини и секој треба да си се вакцинира. Вакцинацијата е лекот за ова, нема друг начин за да дојдеме побргу до крај на пандемија. Таа почна се одвива со брзо темпо и очекувам драстичен пад на бројот на заразени кога ќе дојдеме до двесте илјади вакцинирани. Македонија е мала земја, па тоа ќе се случи наскоро бидејќи како што најави министерот, се очекуваат нови количини.  Дури и првата доза обезбедува заштита,  а кога ќе се добие втората, ќе се обезбеди уште поголема заштита. Да резимираме, вакцината не значи дека сто проценти нема да се заразите, туку дека ако се случи тоа ќе го поминете вирусот на нога“, заклучува д-р Васев.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.