ММС

Објавено на: 04/19/21 2:10 PM

Борис Џонсон стапува на сцена: Владата на Велика Британија ќе се обиде да ја запре Супер Лигата

Кога политиката се инволвира во спортот во таа мера да владите на големите европски држави дискутираат и се залагаат за својата идеја околу него, тогаш мора да е – фудбал.

Британскиот премиер Борис Џонсон даде ветување дека ќе се обиде да направи сè да го спречи имплементирањето на новоформираната Супер Лига, каде што свој печат имаат и шест англиски клубови, Челзи, Арсенал, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, пренесува „Тhe Guardian“.

Англискиот медиум вели дека Џонсон и Владата сериозни се во намерата да го блокираат планот на „шестката“ и Флорентино Перез и Андреа Ањели, за креирање паралелна лига во која ќе играат само „најдобрите и најголемите европски клубови“, идеја која ги разбесни навивачите ширум светот и го разбранува тлото во изминатите 24 часа.

Од министерството за спорт се надеваат дека ќе го превенираат ова делување и итно ќе ги разгледаат сите можни сценарија за реформи во англискиот фудбал. Од „Даунинг Стрит“ остануваат на ставот за можна легислатива која би го блокирала развојот на овој, по мислењето на љубителите на фудбалот, „смртоносен концепт за играта“.

-Ние ќе направиме сè заедно со фудбалските власти, овој план да не се реализира на начин на кој се предлага и замислува. Не мислам дека тоа е добра вест за фановите, не мислам дека тоа е добра вест за фудбалот во оваа земја. Овие клубови не се само големи глобални брендови, тие се клубови кои влечат своја историја од своите места, градови, локални заедници. Треба да бидат поврзани со своите навивачи, а навивачите со нивната заедница, изјави Џонсон.

Повеќе детали се очекуваат во 18:00, кога министерот за спорт, Оливер Доуден, ќе се обрати на на нацијата.

 

 

 

Фото:

nbcnews.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.