ММС

Објавено на: 04/19/21 12:52 PM

Сојузот на средношколците со предупредување -Некои училишта не сакаат да го почитуваат договореното за матурата

Некои училишта најавиле дека нема да го почитуваат договореното  меѓу Сојузот на средношколци и Владата, информираат од овој средношколски сојуз, објавено на нивната ФБ страна.
Поради тоа Сојузот на средношколци денеска испратил предупредување до премиерот Зоран  Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска за непочитување на постигнатиот договор за државната матура.
„Почитувани премиере Заев, министерке за образование и наука Царовска и директорке на Државниот испитен центар Наумовска,
Како ССРСМ, ние сме загрижени за спроведувањето на договорот постигнат за државната матура во учебната 2020/21 година.
Матурантите го информираа Сојузот дека одредени професори од некои средни училишта изјавиле дека нема да почитуваат одредени точки во договорот постигнат меѓу нас. Ова е неприфатливо. Станува збор за следниве училишта: СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Орде Чопела“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, СОУ „Кузман Јосифоски – Питу“, СОУ „Јосип Броз Тито“ -Битола, СОУ „Др. Јован Калаузи“, СОУ „Св. Клименти Охридски“ – гимназија Охрид, СОУ „Никола Штејн-Тетово“ и СОУ „8-Септември-Тетово“.
„Според договорот постигнат меѓу ССРСМ и Владата за државната матура, се согласивме дека  училиштата се должни да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања, најдоцна три недели пред денот на испитот. Истите да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања“, се додава во информацијата.
од Сојузот на средношколци велат дека оваа точка на договорот е флагрантно прекршена од некои средни училишта во земјата.
„Ние како ССРСМ им ветивме на матурантите дека постигнатиот договор ќе се реализира точка по точка. Впрочем, на последниот наш заеднички состанок на 16 февруари 2021 година, беше речено дека „договорот нема да остане само на хартија, туку ќе се спроведе“, информираат од Сојузот.
Тие бараат од Премиерот Заев  да интервенира, за сите средни училишта истовремено да го почитуваат и спроведуваат договорот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.