ММС

Објавено на: 04/19/21 10:28 AM

Баерн Минхен и Борусија Дортмунд и официјално велат „не“ на новата „Супер Лига“

Иако вчера во морето шпекулации низ медиумите се провлече и веста дека Баерн Минхен и Борусија Дортмунд ќе се приклучат во новоформираната „Супер Лига“, сепак денес најголемите германски клубови му рекоа „не“ на Флорентино Перез и останатите протагонисти на она што според добар дел од фан-базата значи и „смрт на фудбалската игра“.

Извршниот директор на годинешниот четвртфиналист во Лигата на шампионите, Хоаким Вацке, соопшти дека клубот во дослух со Европската клупска асоцијација (ECA) донел одлука да ја одбие поканата на Супер Лигата и да продолжи со планираните реформи во натпреварувањето на УЕФА, Лигата на шампионите. Тој додаде и дека Баерн Минхен е „на иста линија“ со нив.

-На видео конференција во недела навечер, членовите на бордот на Европската клупска асоцијација само ја потврдија одлуката што бордот ја донесе минатиот петок. Одлуката значи дека клубовите сакаат да ја имплементираат реформата во Лигата на шампионите и сите планови за Супер Лига се веднаш одбиени. Двата германски клубови, Дортмунд и Баерн, имаат стопроентно идентични ставови во врска со ова прашање, изјави Вацке.

Создавањето на Супер Лигата, кое на „шверцерски“ начин и во глуво доба беше обелоденето на јавноста и фановите, креираше тензична атмосфера на релација УЕФА/ФИФА и челниците на големите клубови во Европа. Од УЕФА се јасни дека се противат на намерата на формирањето на ваква лига и се закануваат дека реперкусиите за партиципиентите ќе бидат поприлично големи.

Дали УЕФА ќе ги банира „клубовите основачи“ на Супер Лигата од актуелната сезона, во која Челзи, Реал Мадрид и Манчестер Сити играат полуфинале во Лигата на шампионите, а Манчестер Јунајтед и Арсенал полуфинале во Европа Лига, допрва треба да видиме.

 

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.