ММС

Објавено на: 04/18/21 12:52 PM

Пратеничката Костадиновска-Стојчевска во скафандер со целосна заштитна опрема од Ковид-19 пристигна во Собранието

Пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија од СДСМ и коалицијата Можеме Бисера Костадиновска-Стојчевска која е позитивна на Ковид-19, пред малку на совојот Фејсбук профил објави дека во скафандер заштитена ќе оди во Собранието да учествува на денешната седница.

„Пристигнувам во Собранието, со целосна заштитна КОВИД-19 опрема, за да учествувам на денешната седница на која ќе ги усвоиме законите кои обезбедуваат финансиска помош за илјадници граѓани и компании. Позитивна сум на КОВИД-19, но добро се чувствувам, со силна одлучност денес да победи народот,“ пишува Костадиновска-Стојчевска.

Пратеничката нагласува дека нема да дозволи уцени и дека нејзина должност како пратеничка е постојана и благородна.

„И здрава и болна, имам обврска да направам сѐ граѓаните да ја добијат помошта која Владата ја обезбеди за нив. А, ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата можат и понатаму да прават сѐ што намериле против народот – но џабе им е, денес ќе ја завршиме работата. Граѓаните ќе победат и уште еднаш ќе видат колкава разлика има меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ односно меѓу тоа да правиш се за народот и да правиш се против народот, “објави Костадиновска-Стојчевска.

Во Собранието денеска би требало да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.

Пратеникот од Левица пак, Димитар Апасиев на Фејбсук уште синоќа најави дека доколку ова се случи, ќе поднесе кривична пријава за, како што вели, биолошки тероризам.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.