ММС

Објавено на: 04/17/21 1:58 PM

(Видео) Дајана Стојчевска, софтверски инженер во филијалата на Google во Минхен: Заминав за да се надоградувам, но постои можност да се вратам ако се средат работите во државата

Заминав затоа што сметав дека мора да се надоградувам, но постои можност да се вратам ако се средат работите во државата, вели Дајана Стојчевска која работи како софтверски инженер во филијалата на Google во Минхен. Во најновото издание на емисијата Стадион на Канал 77, таа раскажа дека се преселила во Германија лани во јануари, односно еден месец да почне пандемијата и да се затвори се’.

„Моментално на работа се’ уште е поголем процентот на машки, но тоа мислам дека не е проблем или пак, да се смета за машка професија. Ги охрабрувам сите што сакаат да се приклучат кон оваа професија да немаат ограничувања. Јас имав месец дена прилика да видам како изгледа нормалниот живот, потоа почнавме да работиме од дома, целата комуникација се одвива оналјн. Се купува онлајн, продавниците некогаш работат, некогаш не, но не се оди во живо за да се одбере што ќе се купи, освен во маркет“, истакна младата Дајана.

Раскажувајќи како дошло до тоа да се вработи таму, таа истакна дека додека студирала работела во фирма во Скопје. Потоа ја контактирале на нејзиниот профил на една од социјалните мрежи, па била потребна околу половина година за да се пресели во Германија. Според неа, ИТ индустријата е во чекор со современите светски трендови, а платите во нејзината професија и во Македонија и во Германија не се со голема разлика.

„Во платите не се чувствува некоја разлика, работите што би си ги дозволила кога би работела во Македонија, се слични. Мојата главна причиназа заминување беше искуството, но и околината, сакав да работам во компанија која ќе ми понуди услови со најнови алатки за работа. Мислам дека ако се сменат некои работи луѓето помалку би заминувале. Знам луѓе што се спремни да останат, односно се’ помалку луѓе би си заминувале и ако си заминат, би се вратиле“, изјави Дајана.

Вели дека не чита  за политичките состојби во државата, затоа што нема време тоа да го следи. Засега таа не размислува за враќање овде, но вели, вредно е да се размисли на таа тема доколку работите почнат да функционираат без врски, без субјективност и непотизам.

Дека висината на платата не влијае многу врз одлуката за заминување во странство кај луѓето од ИТ индустријата, потврдува и деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев. Според него, овој сектор е најплатен, во државава има неперспективност  и лоша атмосфера.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.