ММС

Објавено на: 04/17/21 12:52 PM

Добивме шанса која не смеевме да ја пропуштиме, вели д-р Александар Трајановски, дел од тимот кој ја направи првата експлантација на коскено ткиво од починат донор 

Тим од четворица хирурзи од Kлиниката за трауматологија и ортопедски болести на чело со директорот, д-р Александар Трајановски ја извршија првата експлантација на коскено ткиво од починат донор во земјава. Се работи за експлантација на коскено ткиво од долните екстремитети на дваесетгодишната девојка која загина во сообраќајна несреќа, а чие срце веќе е трансплантирано во телото на дваесет и двегодишно момче.  Засега се знае дека дел од нејзиното здраво коскено ткиво ќе добие пациент со метастази на коска, а другиот дел ќе се чува во посебни фрижидери  и допрва ќе се утврдува кои пациенти би добиле заменски коски на овој начин.

Директорот  на УК ТОАРИЛУЦ Скопје, д-р Александар Трајановски во изјава за ММС вели дека процесот на експлантација траел околу два часа и на ова гледа како на голем професионален предизвик.

„Сето ова е координирано од Министерството за здравство, добивме максимална поддршка. Ова е прва експлантација на коскено ткиво од починат во нашата држава. За цела среќа, во оваа ситуација имаме максимално разбирање од фамилијата која се согласи да ги подари органите.  Ситуацијата за нив беше доста стресна, но се одлучија да подарат коски на некој кому тоа му е многу потребно во моментов“, изјави д-р Трајановски за Македонски медиа сервис.

„Моментално имаме еден кандидат за трансплантација, а понатака ќе видиме бидејќи ќе се прават дополнителни испитувања“, вели докторот. Тој истакнува дека пред да се направи ваквиот чекор, се консултирале повеќе засегнати страни бидејќи како што тврди, секогаш се оди на едно повисоко ниво.

Пациентот кој треба да добие дел од ткивото кое е експлантирано има коска зафатена со малигнитет, а д-р Трајановски оценува дека сега добиле шанса која не смееле да ја пропуштат.

Според него, овој зафат нема да донесе  нови можности само за онколошките пациенти, туку и за луѓе со промени на тетиви, со спортски и други типови на повреди.

„Овој тип на хирургија има широка примена и се надевам дека и понатаму ќе продолжиме во оваа насока. Би сакал во иднина ова да земе поголем замав и што повеќе пациенти да почувствуваат придобивки“, додава д-р Трајановски.

 

В.М


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.