ММС

Објавено на: 04/17/21 11:10 AM

Бубрезите од починатата девојка денес ќе им бидат трансплантирани на пациенти кои со години се на дијализа

Министерството за здравство информира дека вчера доцна во вечерните часови успешно се спроведе и втората трансплантација на срце од починат донор во нашата држава. Пациентот кој го прими срцето е на возраст од 22 години и има сериозно заболување кое го оштетува срцето.

Два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. Во понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава – соопштија од Министерството.

Голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други. Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Тие уште еднаш ни докажаа дека нашиот систем располага со тим на хирурзи кој функционира беспрекорно, додаваат од ресорното Министерство.

Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина. Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.