ММС

Објавено на: 04/16/21 7:34 PM

Ковид пасошот не е предуслов за слободно движење во Европа – Сертификати  и за оздравени граѓани во Македонија

Брисел соопшти дека дигиталните зелени сертификати би требало да станат оперативни во Европската унија до крајот на јуни и ќе се издаваат за сите вакцини, вклучувајќи ги и руската и кинеската вакцина кои засега не се признати од ЕМА, а кон крајот на април ќе се знае дали и граѓаните од третите земји ќе можат да патуваат со ваков ковид пасош.

Според најавите на Европската комисија (ЕК), автор на предлог регулативата за Дигиталната зелена потврда (ДЗП), овој документ има за цел слободно и безбедно патување за време на КОВИД-19 пандемијата. Тоа подразбира дека лицето носител на ДЗП треба да покаже доказ за примена за вакцина, дека има негативен резултат од тестот за КОВИД-19 или дека лицето ја прележало болеста.

„Зелениот сертификат е предлог на Европската комисија, кој во моментов се анализира и се дебатира во Европскиот парламент. На 17 март, Комисијата поднесе предлог Регулатива за дигитален зелен сертификат за олеснување на слободното движење во ЕУ – 2021/0068 (COD) и придружен предлог за државјани на трети земји законски престој или престој во ЕУ (2021/0071 (COD).

Вчера, европратениците го испитуваа комесарот Рејндерс за неодамна предложениот дигитален зелен сертификат и разговараа за аспектите на заштитата на податоците со ЕДПС“, одговори за ММС, Миреа Агиљар Пардо, од канцеларијата на портпаролот во Европскиот парламент.

Од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров за ММС потврдија дека документот ќе се однесува за граѓаните на ЕУ и нивните семејства и на граѓани на трети земји, меѓу кои и македонските граѓани кои легално престојуваат во една од земјите членки на ЕУ. Документот ќе може да се користи и при патување во Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, но ќе биде отворен и за трети земји коишто би сакале да и се придружат на оваа инцијатива.

“ДЗП не е предуслов за слободно движење и не е патна исправа за да не се наруши принципот на недискриминација, особено кон лицата што од било која причина не се вакцинирани. Според информации од ЕК, овој документ ќе ги земе предвид сите вакцини достапни на светскиот пазар а не само вакцините одобрени од Европската агенција за лекови, за што уште не е донесена одлука“.

Досега ЕУ планираше да овозможи патувања само со вакцина која беше одобрена од Европската агенција за лекови, а ако се усвои предлогот на Комисијата, најверојатно со дигитален сертификат ќе патуваат и македонските граѓани без разлика дали се вакцинирале со руска или кинеска вакцина.

Наредниот чекор кон усвојување на ДЗП е позицијата на Европскиот парламент што треба да биде донесена на пленарната сесија закажана од 26 до 29 април 2021 година. Потоа се очекува земјите членки во рамките на Советот на ЕУ да ја усвојат оваа предлог регулатива на ЕК најдоцна во јуни 2021 година.

“Во меѓувреме во земјата се започнати подготвителни активности во насока на обезбедување национален систем кој ќе биде компатибилен со системот на ЕУ. СЕП до Министерството за здравство веќе ги достави основните упатства за интероперабилност, Рамката за доверба усвоена од Мрежата за е-здравство  и Упатствата за Ковид-19 интероперабилни сертификати за оздравени граѓани усвоени од Мрежата за е-здравство.

Министерството за здравство ја подготвува техничката спецификација за системот, која ќе ја споделиме со ДГ САНТЕ со цел да бидеме сигурни дека ИТ решението ќе биде целосно компатибилно и интероперабилно со ЕУ системот“, велат од СЕП.

Орце Костов

 

 

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.