ММС

Објавено на: 04/16/21 6:15 PM

Пендаровски: Секое прекројување на границите на Балканот ќе донесе дестабилизација на регионот

Секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот и секоја таква идеја нема да наиде на поддршка од Европската унија, вели претседателот Стево Пендаровски за наводниот нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша во февруари го испратил до Брисел и неколку други дестинации во ЕУ под наслов „Западен Балкан-патот напред”.

Шефот на државата во изјава за „Трилинг” на ТВ24, истакнува дека независно од тоа дали постои таков документ или не, неговиот став е одамна познат и многу пати кажуван, а тој е дека секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот.

– Единствениот пат кој води напред кон подобар живот и благосостојба на граѓаните и државата е преку исполнување на неопходните реформи, клучни за наше придружување во европското семејство, наведува Пендаровски.

Тој тврди и дека никогаш не разговарал со претседателот на Словенија Борут Пахор за прекројување на границите на Балканот.

– На ниту една од средбите кои сум ги имал со претседателот на Словенија Борут Пахор во изминатиот период, не е разговарано за прекројување на внатрешните или надворешните граници на Балканот, дециден е претседател Стево Пендаровски.

За нон-пејперот, во кој според словенечките медиуми, се предлага менување на границите на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, но и на Северна Македонија, во средата се огласи Еропската комисија.

– Позицијата на ЕУ е многу јасна и нема ништо што треба да се промени. Треба да работиме на регионална соработка и помирување. Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес – обид да се решат сите прашања, така што процесот не оди во опасни области, придржувајќи се кон европските закони и принципи, изјави портпаролот на ЕК, Петер Стано, без да потврди дали во Брисел стигнал таков нон-пејпер од Љубљана.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, пак, по обелоденувањето на информациите за нон-пејперот во медиумите, демантираше дека изработил таков документ.

 

 

 

MИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.