ММС

Објавено на: 04/16/21 3:15 PM

Заев за истрагата за софтверот на Рашковски: Законот важи еднакво за сите, но никој не е виновен додека не му се докаже вината

Се потврдува за сите наши граѓани, дека нема недопирливи пред законот. Законот важи еднакво за сите, инстиуциите на истрагата си ја вршат својата работа. Нема недопирливи ни од власта ни од опозицијата, како што можам отворено да потврдам дека никој не е виновен додека не му се докаже вината. Ова го изјави денеска премиерот, Зоран Заев откако утрово беше приведен поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски во рамките на истрагата за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци.

Според Заев, актуелниот генерален секретар Мухамед Зекири ги доставил сите податоци во врска со постапката за јавна набавка, со доказите за тестирање на системот,  неговата употребливост, но и за тоа како завршена самата постапка. Доставени се податоци и за се’ останато што било побарано од ДКСК и Обвинителство.  Сепак, Заев вели дека треба да се почитува презумпцијата на невиност.

„Презумпцијата на невиност ја почитувам, но нема недопирливи во државата, како што не смееме никого да осудиме се’ додека тоа не се докаже. Законот мора да важи подеднакво за сите и тука не треба да има дилема“, додаде Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање како можело да нема контролен механизам за да се следи што прави Рашковски, тој уште еднаш повтори дека никој не е виновен додека не се докаже вината.

„Јавната набавка е спроведена согласно деловникот за работа на Влада, а со Владата во административниот дел управува Генерален секретаријат. Владата набавувала еден куп анализи и системи преку Генералниот секретаријат. Постапката е целосно согласно законот, а ако се докаже спротивното, Судот ќе пресече. Пресудата се спроведува и не се дискутира. Од тоа што знам, се’ е согласно закон. Системот е тестиран и имаме 160 жртви од сообраќајни несреќи, имаме повеќе од 3200 лица кои остануваат инвалиди. Студии се правени во државата, имаме анализи кои кажуваат дека државата од собраќајните несреќи губи  повеќе од 220 милиони евра. При самата истрага Рашковски креирал и патентирал систем. Немам никакви резерви, јас го соопштувам тоа што го гледам. Рашковски беше генерален секретар во Владата во која бев премиер и е мој соработник. Можеби сум пристрасен, можеби не сум пристрасен, затоа постојат институции за да го утврдат тоа“, истакна премиерот.

Законот важи еднакво за сите, но треба да знаеме дека никој не е виновен додека не му се докаже вината. Сите овие вредности кои ги гледаме со конечни пресуди, со истраги, со независност на правосудните органи треба да ги одржиме – додаде тој.

Рашковски е приведен во рамките на истрагата за случајот со набавката за софтверот за сообраќајни прекршоци, а освен тоа, приведен е Даниел Станчевски во чие сопствеништво е фирмата „Инвока груп“, од која е набавен софтверот.

 

В.М


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.