ММС

Објавено на: 04/16/21 11:58 AM

Филипче ќе разговара со српскиот колега Лончар за стратешко партнерство со Институтот Торлак за набавка на вакцини

Состојбата во болниците е стабилна во смисла на тоа дека нема голем и неконтролиран наплив на пациенти. Во сите јавно-здравствени установи вчера и утрово има доволен број слободни болнички кревети. По оној мини притисок во болниците, сега имаме прилично еднаков број на испишани и примени пациенти. Ова го изјави денеска министерот, Венко Филипче оценувајќи дека процесот на вакцинација се одвива добро.

Според него, околу 13 илјади граѓани веќе се вакцинирани со вакцината на АстраЗенека, а останатите вакцини се прераспределени по пунктовите ширум државата.

„Имаме зголемена фреквенција на закажување оваа недела. Во салата Борис Трајковски се вакцинираат повозрасните граѓани од 73 и 74 години со малку поредуцирани термини, бидејќи тие не доаѓаат сами и имаат потреба од придружба. Околу 35 илјади граѓани се вакцинирани заклучно со вчерашниот ден“, информира министерот.

Тој додаде дека в понеделник се очекува нова пратка со вакцини од Фајзер.

„Вакцините ќе стигнат со авионски превоз до Софија и понатаму со специјален транспорт во попладневните часови ќе ги преземеме, спремни сме во делот на административни постапки и се’ што треба за давање на дозволите“, додаде министерот.

Тој и другите претставници од Министерството за здравство пак, во вторник заминуваат за Белград каде ќе се сретнат со српскиот министер Лончар и со директорката на Институтот Торлак.

„Ќе имаме разговори на повеќе важни теми и надвор од прашањето за вакцините, но и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од Торлак. Во овој момент не ни се потребни, но не можеме да претпоставиме како ќе се одвива ситуацијата и мислам дека е логично решение Институтот Торлак  да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините  согласно тоа како ќе се одвива пандемијата“, најави министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање колку наши граѓани се вакцинирале во Србија, тој рече дека тоа е една од темите на кои ќе се разговара. Во однос на најавеното стратешко партнерство не откри детали, бидејќи за тоа допрва ќе се разговара.

Мораме стратешки да се подготвиме – истакна Филипче.

Во земјава во моментот се достапни десетина илјади дози од вакцината на АстраЗенека, околу 3 илјади од Спутник В и околу илјада дози од кинеските. Според министерот, системот се дополнува со вакцините од Фајзер.

Инаку, неподвижните луѓе ќе се вакцинираат теренски во нивните домови согласно пријавувањето и приоритетите. Кинеската вакцина ќе стигне во поголема количина и сега со овие количини кои ќе стигнат, продолжуваме со вакцина по возрасни групи, посочи Филипче кој очекува дека бројката на закажани термини ќе расте.

 

Фото: Архива

В.М


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.