ММС

Објавено на: 04/20/21 7:09 PM

„Ти си проклета мајка штом си родила болно дете“: Скопјанката Сања Маневска Арсоска и сопругот велат дека се жртви на „хуманитарка“ која собирала донации за нивната ќерка

Веќе четири месеци со поголем спокој е исполнето секојдневието на двегодишната Николија од Скопје, чие семејство се мобилизираше минатата есен за да дојде до паричните средства потребни за таа да биде оперирана во Турција. ММС повеќе пати контактираше со мајката на малата Николија, Сања и во декември ја објавивме среќната вест дека операцијата е успешно завршена, откако хуманите граѓани успеаја да ја обезбедат потребната сума.

Сепак, не сите донации завршиле во вистинските раце. Откако операцијата веќе била направена, а Николија вратена од Истанбул во својот дом, родителите дознале дека и понатаму се шири апел за донации без нивна дозвола. Повикот за донации придружен со фотографија од девојчето, без знаење на родителите бил објавен на страницата GoFundMe.

„Една жена која јас никогаш претходно не сум ја запознала исконтактира со мене, откако веќе беше завршена операцијата. По извесно време дознав од други луѓе дека таа и претходно собирала донации. Некои луѓе барале од неа да каже кои се родителите на Николија, а таа одбивала да го стори тоа, додека ние ништо не знаевме. Воопшто не знаев дека повикот се шири на страницата GoFundMe, таа сама си го објавила тоа и дури потоа ми пиша дека сакала да ни помогне“, раскажува мајката Сања Маневска Арсоска која првиот контакт со жената од која се измамени, го имала во јануари годинава.

Таа и нејзиниот сопруг се согласиле повикот за донации да остане отворен, за да може собраните средства да ги искористат за првиот контролен преглед во Турција.

„Мислев дека ќе испадне фер, но јас сум била наивна. Потоа дознав дека и други луѓе така измамила. Жената ми пишуваше на социјалните мрежи уште пред операцијата, но нешто ме тераше да не и’ враќам. Кога почнавме да контактираме пак, ми кажа дека е хуманитарка и дека има организација, па се доведов во ситуација буквално да ја молам да го тргне повикот кој се ширеше во врска со моето дете“, додава Сања.

Откако жената не сакала да го тргне повикот за донации, Сања почнала со апели на социјалните мрежи луѓето да не донираат и барала да се пријави дека повикот е лажен, па потоа самата страница ја стопирала опцијата за донирање.

Перипетиите не завршиле тука и наводната хуманитарка им соопштила на родителите дека нема да им ги даде дотогаш собраните парични средства, односно дека ќе ги пренамени за семејство со болно бебе од Делчево. Во меѓувреме, жената барала од Сања таа и нејзиниот сопруг јавно да кажат дека им помага, но тие одбиле, бидејќи всушност не добиле никаква помош. Ситуацијата ескалирала во март, откако повикот за донации бил затворен, а споменатата личност јавно почнала да тврди дека родителите ја злоупотребуваат ситуацијата на своето дете и дека се заинтересирани само за пари.

Имено, тие имале смртен случај и дента кога бил погребот, комуникацијата на наводната хуманитарка со Сања продолжува, по што таа и нејзиниот сопруг одлучиле случајот конечно да го пријават во полиција.

„Мојот свекор почина и кога си дојдовме дома по погребот, таа почна да ми пишува. Ми рече дека сум проклета мајка затоа што моето дете било болно. Тоа ја прели чашата и пријавив во полиција. Дури службениците ми рекоа дека веднаш сум требала да пријавам, а не да чекам со месеци“, додава Маневска Арсоска.

Некои од хуманите луѓе кои верувале во добрите намери на жената, уплаќале пари на нејзината трансакциска сметка. Затоа родителите на Николија апелираат граѓаните да бидат внимателни кога сакаат да помагаат. Велат, на социјалните мрежи се шират многу неточни работи и најдбро е да се исконтактира со самите родители за да не наседнат на лажен апел.

Веќе е извесно дека контролниот преглед на Николија нема да се плати со паричните средства од хуманите граѓани, но како што посочува Сања, нивната совест е чиста и како-така ќе се снајдат.

За потсетување, Николија беше оперирана поради тоа што е родена со предвремено затворени коски во главчето. Како последица на тоа, таа се уште не може да оди добро, но прогнозите на лекарите се оптимистички.

„Кога ќе одиме на контрола ќе треба таму да седиме три дена, но не знам кога ќе биде тоа. Требаше да биде кон крајот на месецов, но можно е да се одложи поради пандемијата. Кај неа веќе има подобрување. Николија и претходно си беше вредно дете, но беше поповлечена. Сега е поведра, повесела, повеќе си игра со дада и’. Веќе стекнува некои нови навики, знае сама да јаде. Не зборува многу течно, но кога сака нешто тоа ни го покажува со рачињата“, вели нашата соговорничка.

Таа ни сподели дека без да бара, почнала да добива донации од детски играчки, не само за Николија, туку и за нејзината постара сестра Ангела.

-Почнаа да ни праќаат играчки и луѓе кои не се од Македонија, па околу празниците ни праќаа и новогодишни пакетчиња. И јас донирам често, но секогаш преку отворени телефонски линии за тоа. Има навистина многу хумани луѓе, но и такви кои се прават „Мајка Тереза“, но кога-тогаш вистината излегува на виделина – заклучува Сања.

Темата за злоупотреба на донации се актуелизираше и неодамна од приватна болница која се почувствувала злоупотребена. Тие преку известување  информира дека наводно извесна Радица Динев апелирала да се соберат донации за бебе, кое било сместено во Систина. Од болницата  демантираа и информираа дека се работи за лажен повик, односно дека таму не е сместено такво бебе како што се тврди во објавата на жената.

Таа се огласи и преку видео-обраќање, во кое посочува дека се шират многу дезинформации за неа.

„Ме обвинуваат за нешто лошо и лажно,  затоа што пред некој ден на мојот Фејсбук профил се појави личност која ми пиша порака и замоли да и помогнам за бебе кое се наоѓа во Систина и потребна е парична помош. И реков да ми даде трансакциска сметка, но таа ми кажа дека не може да ми даде сметка бидејќи е социјален случај и ќе и’ се укине социјалната помош.  Ме праша дали може да се објават моите сметки,. Јас најмногу се нервирам кога се работи за бебе, кога се потребни донации. И’ пишав на мајката за да ја прашам како да и’ ги предадам собраните средства, ја прашав како е бебето, а таа ми рече дека бебето починало.  Се шокирав и по 4 часа мојот профил на Фејсбук беше блокиран, рече меѓудругото Динев во видеото.

Од МВР се запознаени со тоа дека повиците за донации понекогаш се лажни, со што граѓаните се изманипулирни, а парите кои ги донираат не завршуваат кај лицето на кое му се потребни средства за лекување.

-До Секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика пристигнати се информации за појави каде што преку социјалните мрежи и веб портали се објавуваат слики и статии од лица со цел собирање на финансиска помош за нивно лекување во земјава или странство. Секторот за Компјутерски криминал и дигитална форензика апелира на претпазливост кога станува збор за извршување на уплата на парични средства и проверка дали лицето за кое се собираат парични средства навистина има потреба од лекување во земјава или странство – велат од МВР за ММС.
Полицијата апелира до граѓаните, доколку забележат каква било злоупотреба од вакв тип, да пријават во најблиската полициска станица.

 

*Фотографиите се објавени со одобрување од родителите

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.