ММС

Објавено на: 04/16/21 10:02 AM

Јасмина Шилегова: Луѓе со големо срце, вдомете го Рекс, заслужува семејство кое добро ќе се грижи за него!

Јасмина Шилегова, сопругата на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, на социјалните мрежи сподели трогателна приказна за кучето Рекс на кое му е потребно вдомување.

Таа во објавата раскажува дека сосема случајно додека го шетале нивниот домашен миленик Тоби, ги следел новиот пријател. Кучето имало ремче околу вратот, било мирно и послушно но валкано и со стуткано крзно.

„Прво мислевме дека има сопственик но после неколку вечери кога случајно ќе се појавеше констатиравме дека кучето е најверојатно напуштено. Мирно и тивко неколку вечери се појавуваше по нас, ние го храневме, му дававме водичка и се надевавме дека сепак од некаде ќе се појави неговиот сопственик. Во меѓувреме ги проверивме сите групи каде сопствениците си ги бараат изгубените кучиња. Денес преплавени од емоции повеќе не сакавме да го оставиме на улица бидејќи таква добра и мирна душа не ни може да се снајде по улиците. Го однесовме во Лајка. Во моментов кучето Рекс (така го завика деновиве ќерка ми) е на третман во Лајка. Рекс немал чип. Тој е две годишен, не е болен, сите анализи се ок. Премногу е мирен, разбира и послушува кога му се обраќаш“, напиша Јасмина Шилегова.

Таа вели дека ваква мирна душичка заслужува семејство кое добро ќе се грижи за Рекс, и верува дека тоа ќе им возврати со многу љубов.

„Рекс ќе биде вистински убавец по сите третмани што ќе ги добие деновиве во Лајка и потоа ќе може да се вдоми. Ако познавате луѓе со големо срце што сакаат да споделат многу љубов со оваа убава душичка може да ме исконтактираат или директно да одат во Лајка за да се уверат колку е Рекс добар, мирен и полн со љубов“, напиша Шилегова

Таа ја завршува својата приказна со апел до сите љубители на кучиња: „Ако не сте спремни да споделувате љубов, не земајте кучиња“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.