ММС

Објавено на: 04/15/21 9:24 PM

Шокирачки вести од НБА: Олдриџ става крај на професионалната кариера

Искусниот центар роден во Тексас, кој пред три седмици пристигна во Бруклин Нетс со цел да „брка“ прстен во НБА, ЛаМаркус Олдриџ, ќе стави крај на професионалната играчка кариера.

Ваквата одлука доаѓа по последниот одигран натпревар на некогашниот кошаркар на Сан Антонио Спарс и Портланд Блејзерс, кадешто почувствувал сериозни проблеми и неправилна работа на срцето, а медицинските прегледи само го потврдиле најстрашното.

Олдриџ денес на социјалните мрежи ја соопшти оваа вест на своите фанови и кошаркарската јавност и се заблагодари за неизмерната поддршка во изминатите години.

-Денес со тешко срце го пишувам ова писмо. Го одиграв последниот натпревар и во текот на мечот имав проблем со неправилна работа на срцето. Подоцна истата вечер ситуацијата стануваше потешка, а тоа дополнително ме загрижи. Следното утро му соопштив на екипата што се случува и тие се погрижија да одам до болница на прегледи. Иако сега ми е подобро, тоа што го доживеав со срцето е една од најстрашните работи кои некогаш сум ги поминал во животот. Затоа донесов тешка одлука да се повлечам од НБА лигата. Во текот на овие 15 години ја ставав кошарката на првото место, а сега е време да го ставам здравјето и моето семејство на врвот на листата. Благодарен сум на тоа што оваа игра ми го даде, сјајни спомени, вклучувајќи ги сите успони и падови, но и пријателства кои ќе ги чувам засекогаш.

Благодарам Портланд поради тоа што ме драфтуваше како „слабо детенце“ од Тексас и што ми даде шанса. Портланд ми пружи незаборавни години. Секогаш ќе биде во моето срце. Сакам да им се заблагодарам и на Спарси, затоа што ме примија во нивното семејство и ми дадоа пет забавни години. На крајот, сакам да се заблагодарам на Бруклин. Ме сакавте поради мене. Во игра која менува толку работи, ме прашавте да дојдам и да го правам тоа што вообичаено го права, а тоа е сјајно да се слушне. Жал ми е што не траеше долго, но дефинитивно се забавував додека бев дел од оваа посебна група. Никогаш не знаете кога нешто ќе заврши, така што уживајте во секој ден. Јас искрено да кажам, го правев тоа, напиша Олдриџ во писмото.

Навивачите на Портланд, заедно со ѕвездата на тимот Демиан Лилард, ќе поднесат иницијатива кон клубот за повлекување на бројот 12 во чест на „големиот човек“ ЛаМаркус Олдриџ.

 

 

Фото:

bleacherreport.com

Twitter

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.