ММС

Објавено на: 04/16/21 7:00 PM

И заедничкото живеење без потпис е брак- Со Татјана Стојановска за работата, мајчинството, љубовта и животот

Кога ќе се спомене Татјана Стојановска веднаш не асоцира на убавина, скромост и отменост. Таа со години плени на ТВ екраните, па и покрај тоа што и годи епитетот најубава жена, Татјана вели дека наворешната убавина никогаш не и била поважна од вантрешната и за неа секоја жена е убава. Татјана за ММС  откри каква личност  е кога е надвор од студиото, каква е со пријателите,  ни раскажа и за љубовта со својот долгого партнер Михаил, но и за детскиот сон кој досега се уште не и се остварил.

Со години го носите епитетот за најубава жена, колку ви годи тоа, а колку ви е притисок при секое појавување на екраните?

-Секоја жена, секој човек пред се, е убав доколку има пред се внатрешна убавина. Јас тоа го гледам така, и таа убавина е вредна и треба да се цени кај секој човек. Според мене внатрешната убавина е поважна од надворешната. Таа е само надополнета со надворешната убавина која и дава една дополнителна компонента. Отсекогаш сум давала вредност многу повеќе на внатрешната убавина, човечноста, емпатијата кон другите, културното однесување, трудољубивоста, чесноста. Секако многу поважно ми е да биде и кај мене ценета таа внатрешна убавина од страна на другите, а комплиментите за мојата надворешна убавина, секако дека ми годат. Таа убавина ми ја донесе и титулата Мис на Македонија и ми ги отвори вратите, можеби и судбински, за телевизиската професија во која сум сите овие години. Секако изгледот е важен за телевизиската работа, па затоа подготовката за на екран е дел од моите подготовки за на екран. Не ми е притисок, но секако ми е обврска. Покрај интерпретацијата и содржината на вестите и изгледот на медиум, каков што е телевизијата, е многу важен, па со самото тоа создава и обрска и одговорност кај мене.

На социјалните мрежи постојано објавувате фотографии од посета во салони за убавина дали сметате дека негата во салоните е многу важна за жените по 40-тата или тоа е само навика која секоја жена мора да ја има?

 

-Секако дека колку што ќе вложиме во негата и одржувањето на нашето тело и лице, толку тој труд ќе ни се исплати во подоцнежните години. Процесот на стареење не можеме да го запреме, но можеме да го забавиме. Затоа не само после 40-тата туку и многу порано треба да водиме сметка за негата на телото и лицето. Да се грижиме за здравјето, да создаваме здрави навики во исхраната. Секако понекогаш тоа мора да го довериме и на стручни лица од салоните за убавина. Со редовна грижа ќе имаме подолготрајни ефекти. Мојата професија е таква што ваквата нега е неопходна, затоа и низ годиниве сум редовна во користење на третмани во салоните за убавина.

Има ли разлика каква е Татјана на работното место, а каква е кога е во друштво со пријателите? Можеби принудно сериозна, кога се читаат такви вести, а опуштена кога е необавезна…

-Многу често добивам коментар од луѓето кои прв пат ме запознаваат во живо од типот “ Па ти си била супер”. Преку екранот ме доживуваат поинаку. Можеби посеризна, помалку и арогантна или непристапна. Но, кога ќе ме запознаат лично добиваат друг впечаток. Ме доживуваат како разговорлива, непосредна. Секако за тоа каква сум треба да ги прашате пријателите и моите блиски.

 Да не бевте ТВ презентер, која професија ќе ја одберевте?

-Професорка, тоа е мојот детски сон. Иако се запишав во средно економско, а потоа и на Економски факултет, секогаш ми провејуваше таа желба и надеж дека еден ден ќе бидам професорка, можеби ќе предавам некој предмет од областа на економијата. Потоа завршив и магистерски студии од областа на менаџмент со човечки ресурси и претприемништво па сега понекогаш знам да се пошегувам со моите блиски и да речам дека уште имам шанси за професорка, нели? Ха,ха,ха но никогаш не се знае, она што го посакуваш од дете можеби еден ден ќе ти се случи.

Изгледате прилично среќно, што е најважно за една жена да биде среќна, материјално обезбедена, сакана…?

-Фала му на Бога среќна сум пред се што сум жива и здрава и јас и сите околу мене. Сметам дека тоа е единствената важна причина за среќа. Секако важни ми се и емоциите кај мене и кај моите блиски. Да имаме хармонични односи, љубов и почитување. Квалитетно да го поминеме животот со радост и убави моменти. На материјалните работи не давам многу значење. Секако потребни се, но никогаш не трчам по материјалните нешта. Добро е да се има средства за да се задоволат основните потреби, но секогаш сум за тоа да се чува здравјето, семејните вредности и хармонија, а не да се трча по пари и да се изгубат другите вредности во животот.

Кој е најважниот совет кој сте му го дале на вашиот син Матеј за животот,и колку тој ве поддржува во вашите приватни одлуки, особено кога станува збор за љубовта?

-Најважниот совет што му го имам дадено на мојот син , е да биде секогаш свој, да има самодоверба и да биде чесен. Одсекогаш сум имала искрен однос заснован на доверба.. Сме се советувале за сите одлуки и сме си помагале. Ме поддржувал секогаш за моите одлуки и ги почитувал. Матеј е веќе возрасен млад човек со изградени ставови за животот.

Долго време сте со Михаил дали можеби размислувате за брак или потписот на хартија не ја поткрепува љубовта? Дали Михаил е вистинскиот, што е она што најмогу ви се допаѓа кај него?

–Со Михаил сме заедно 8 години, од кои 7 години живееме заедно. Се запознавме на одмор во Турција 2012, каде бевме со децата и таа пријателска дружба премина во врска, а по една година продолжи и како заедничко живеење. Секако поради одредени околности, прилагодувања, не дојде до официјализирање на врската, но заедничкото живеење без формализирање е неформален брак секаде во светот, нели? Она што нас не поврза е искрениот однос, заедничките интереси во животот, семејните вредности, грижата за децата. Секако кај него ме плени и комуникативноста, смислата за хумор, а пред се интелектот, приземјеноста во се. Со еден збор човечноста и емпатијата за секого, секому да се помогне. Грижата еден за друг, поддршката, љубовта и негувањето на сето тоа е она што не спојува.

Весна Петровска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.